Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Законот за кој гласаа американските конгресни домови овозможува продолжување на работата на сојузната влада со регулација на финансирањето на владата, со што ќе се спречи новата блокада на Владата.
Но, Трамп нема да биде Трамп ако и како претседател до крај не си ги истера своите замисли, па тој сега е решен да ги заобиколи пратениците со прогласување на национална вонредна состојба за да извади милијарди од други федерални каси за неговиот ѕид на мексиканската граница.
Парите во законот за гранични бариери, околу 1,4 милијарди долари, се далеку под 5,7 милијарди долари за кои Трамп инсистираше дека му се потребни и ќе финансираат само една четвртина од ѕидот.
Белата куќа рече дека ќе го потпише законот, но ќе дејствува унилатерално за да добие повеќе, со што предизвика осуда од демократите и закани за тужби од државите и други кои би можеле да изгубат федерални пари велејќи дека Трамп го злоупотребува својот авторитет.
Законот во Сенатот помина со 83 гласа за и 16 гласа против, а по гласањето во Сенатот, се одржаа и гласање во Претставничкиот дом на Конгресот каде законот, исто така, помина со мнозинство од 300 наспроти 128 пратеници. Сенатот е дел од Конгресот и претставува негов горен дом, а негов дел е и Претставничкиот дом кој го претставува долниот дом.
После тоа, законот треба да го потпише претседателот Трамп, кој покрај потпишувањето на законот ќе прогласи и вонредна состојба во САД.
Сенаторот Мич Меконел, прво рече дека очекува претседателот Трамп да го потпише законот, но и дека ќе прогласи вонредна состојба, со цел да изгради ѕид на границата со Мексико.
Кратко по сенаторот Меконел, оваа информација е потврдена и од портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Таа рече дека претседателот ќе го потпише договорот со кој ќе се овозможи барем делумно продолжување на работата на сојузната влада, но додаде и дека ќе преземе други мерки, вклучително и прогласување на вонредна состојба, со цел „да се осигура националната безбедност и да се запре хуманитарна криза на границата“.
Ненси Пелоси и лидерот на опозицијата во Сенатот, демократот Чак Шумер, одлуката на Трамп ја оценија за незаконска.
„Ова не е вонредна состојба, а предизвикувањето страв од страна на претседателот не ја прави ситуацијата вонредна“, рекоа тие.
„Прогласување на вонредна состојба би било незаконски. Тоа би била голема злоупотреба на моќта на претседателот, како и очајнички обид да се пренасочи вниманието од фактот дека Трамп го прекрши ветувањето дека Мексико ќе плати за неговиот ѕид“, рекоа демократите.
„Ова е уште еден приказ за непочитувањето на Трамп за владеењето на правото. Ова не е вонредна состојба, а предизвикувањето страв од страна на претседателот не ја прави ситуацијата вонредна. Тој не можеше да ги убеди Мексико, Американците, ниту партиските колеги да платат за неговиот неефикасен и скап ѕид, па сега се обидува да го заобиколи Конгресот во очајнички обид да ги заинтересира даночните обврзници за тоа. Конгресот ќе го брани својот уставен авторитет“, рече Пелоси.