Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На сметка на доделување на енормно големи буџетски средства во секторот за култура на сосема анонимни лица, фирми и манифестации, оваа година за финансиска поддршка од Министерството за култура извисија манифестации и фестивали од рангот на Скопски џез-фестивал, ОфФест, Таксират и други, кои или добија значително намален буџет, или воопшто не добија средства (Скопскиот џез-фест).
Скопскиот џез-фестивал и фестивалот „Оффест“ биле отфрлени на конкурсот, што значи дека под знак прашалник се доведува нивното одржување. Отфрлени биле и сите предложени проекти на „Авалон продукција“. И сето ова е само во делот на музичко-сценската дејност, за што реагираат бројни и долгогодишни музичари и организатори на културни манифестации.
Колку за пример, најмногу пари годинава во овој сегмент има добиено Здружението „Артал“ од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал „Меридианс“ и за концерт „Класик и рок мјузик“. Наспроти ова, скопскиот „Таксират“ добил само 500 илјади денари, иако барале 6 милиони.
За одржување на познатиот Џез-фестивал Куманово одобрени се само 200 илјади денари, а наспроти ова, Џез-фест Тетово добива 1,5 милиони денари.
За концерти на Влатко Стефановски и Мирослав, 21 година од издавање на албумот „Крушево“, одобрени се само 250 илјади денари, иако биле побарани над 2 милиони денари.
Директорот на Скопје џез-фестивалот, Оливер Белопета, за „Макфакс“ изјави дека е во шок по објавата на Министерството за култура.
Извор: Макфакс