НАТО амбасадорите утре во Брисел го потпишуваат пристапниот Протокол за Македонија


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


По 11 години од фијаското во Букурешт, кога Хрватска доби покана за членство, а Македонија вето од Грција, и двајцата министри со став дека иако задоцнето, земјава конечно го добива заслуженото место во Алијансата, кој утре во Брисел ќе резултира со потпишувањето на Протоколот за членство.

„Тоа е историски успех за Македонија, со кој се овозможува продолжување на евроатлантските интеграции, идното членство и во НАТО и во Европската унија“, изјави Дамир Крстичевиќ, министер за одбрана на Хрватска

„Ќе ми биде задоволство следната наша средба да биде во Брисел на првото официјално учество на еден министер за одбрана од Република Македонија, која во тој момент ќе биде и Република Северна Македонија на состанок со сите министри за одбрана на НАТО-Алијансата“, посочи Радмила Шекеринска, министерка за одбрана на Р.Македонија.

Средбата во Скопје коинцидираше со утрешното потпишување на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

Утре претпладне 29-те амбасадори на земјите членки, ќе го потпишат Протоколот, со кој земјава и формално ќе добие статус на земја набљудувач и столче во Алијансата.

На чинот на потпишување во Брисел ќе присуствува и шефот на дипломатијата Димитров, кој неколку дена престојува во САД, каде имаше серија средби со високи претставници, вклучително и со помошникот државен секретар Вес Мичел.

Мичел нагласил дека членството на земјава во НАТО е историски миг, кој ќе влијае на стабилноста на регионот.

По потпишувањето на Протокот за членство, процесот се сели во Парламентите на земјите членки, кои поединечно треба да го ратификуваат и со тоа земјава ќе стане полноправна членка. Согласно Договорот, прва веќе в петок документот ќе го ратификува Грција. За да биде усвоен, потребно е мнозинство од 151 пратеник во Собранието.