„Купи куќа, купи стан“ повторно во игра – сега со нови, поповолни услови


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Владата го враќа во игра стариот проект кој го иницираше претходната владина гарнитура, „Купи куќа купи стан“, но, како што тврдат, со нови, поповолни услови за граѓаните.

За младите до 35 години што сакаат да купат стан, државата во првите пет години ќе плаќа 70 отсто од ратата од нивниот кредит, наместо половината како сега, а каматата ја симнува на 2,9 отсто во првите три години и по 3,9 проценти во четрвтата и петата, по што нема повластици. За кредит од 50 илјади евра за колку што максимум може да се добијат државни субвенции, за камати заштедите би биле до 1.300 евра. За тие, пак, што ќе го изберат вториот модел, државата ќе покрие 70 отсто од нивното учество, каматата се намалува на 4 отсто за цело време на отплата на заемот, плус шестмесечен еурибор. Овде би имало заштеди од 2.500 евра. Поволности и за оние што ќе го подноват семејството – за секое родено или посвоено дете ќе има субвенција од 30 отсто на ратата уште една година. Оваа државна помош годинава ќе го чини буџетот два милиони евра.

Иако проектот е на претходниците и датира од 2011, министерот Тевдовски вели, оваа власт никогаш не го прекинала, но нејасниот закон сега се подобрува.

„Тим на МФ работеше во изминатиов период прилично долго, заедно со тимови на банките, и сите оние неправедности и сите оние пречки поради кои граѓаните споро ги добиваа проектите, сега се отстранети. Има периоди, кога заради законските услови, на пример пред избори, имаше периоди на успорување, но проектот никогаш не бил прекинат“, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.

Наместо услов да биде платата, сега тоа се вкупните приходи, прагот е исти, 900 евра за поединец и 1.300 за брачни другари. Кога корисниците имаат друг имот или наследство, тој не смее да вреди повеќе од 30 илјади евра, а за куќа се воведува ограничување до 150 метри квадратни, со цел субвенции да не се делат за луксуз. За оние над 35 години, но за да купат куќа, државата ќе даде помош од 80 отсто од учеството и ист процент од ратата, за 5 години. Подобрите услови ќе важат само за оние што допрва ќе бараат ваков заем, откако Собранието ќе ги изгласа законските измени, старите корисници ќе останат со сегашните услови.

Извор: Телма