Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот документарен филм „Медена земја“ (Honeyland), чија режија ја потпишаа Тамара Котевска и Љубо Стефанов, е еден од вкупно 11-те документарни филмови кои се во директна конкуренција за највисоката награда во оваа категорија на престижниот филмски фестивал на независни филмови „Sundance“.
Проекцијата на „Медена земја“ предизвика бура од овации, воодушевување и долг аплауз од публиката по завршувањето на премиерното прикажување на „Sundance“, кое се одржа на 28 јануари во Јута, САД.
Еднакво позитивни критики и пофалби на сметка на филмот стигнаа и од големите имиња од светот на филмската критика како: Шери Линден од Hollywood Reporter, Крис О’Фалт од Indierwire, Ентони Кауфман од Screen International, Ерик Хајнс од Film Comment и други.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.