Финска има потреба од 150.000 работници


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Иако важи за најсреќна држава на светот, сепак, и Финска е општество кое се соочува со стареење на населението, а нивната влада се соочува со сѐ поголем притисок да ја подигне стапката на вработеност, пишува “Bloomberg”.

Токму зајакнувањето на пазарот на труд би можело да биде главната агенда на партиите кои ќе се борат за гласовите на избирачите на претстојните парламентарни избори во Финска, кои ќе се одржат на 14-ти април. Ако може да се суди по штотуку објавениот државен извештај, новата администрација би требало да ја подигне стапката на вработеност на 75 отсто од вкупното работоспособно население до 2023 година, а потоа да го одведе и еден чекор понапред и да достигне високи 80 отсто.

Тој процент моментално изнесува 72 отсто, што воедно беше и целта која првиот човек на финската влада, Јухa Сипила, го постави кога седна на премиерската фотелја во 2015 година. Бидејќи Финска тогаш „мака мачеше” со тригодишниот економски пад, втор по големата економска криза во 2008 година, целта на Сипила се чинеше недостижна.

Сепак, тој успеа да го збогати пазарот на труд со 140 илјади нови работници, а сега им се потребни уште отприлика 150 илјади лица за да го обезбедат опстанокот на државната благосостојба.

„Темелот на нордиската благосостојба која ја прави нашата земја најсреќна држава на светот, со неверојатно висок државен стандард, се ослонува на високата стапка на вработеност”, изјавил главниот економист на банката Нордеа, Аки Кангашарју. „Она што Финска треба да го направи е секое лице кое е работоспособно да има работа”, додал тој.

Владата на Сипила веќе покренала неколку мерки за зголемување на вработувањата, а според зборовите на премиерот, доколку владата успее трајно да ја подигне вработеност над 75 отсто, тоа во потполност би ги покрило расходите.