Објавени номинациите за „Златни малини“ – ќе ве изненади кандидатот за најлош актер


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Неуспешниот мафијашки филм на Џон Траволта, „Gotti“ и претседателот Доналд Трамп се номинирани за Златна малина, награди за најлоши филмски остварувања во 2018 година, кои организаторите на доделувањето на овие награди ги прогласија за катастрофа, како на платното, така и надвор од него.

Последниот во низата филмови за Шерлок Холмс, „Holms & Watson“ доби шест номинации за оваа неблагодарна награда, вклучително и за најлоши актери за Вил Ферел и Џон С. Рајли, кои „ги упропастија двата најомилени лика од светската литература“.

„Златните малини“ се воведени во 1980 година, како спротивност на „Оскарите“ и номинациите се објавуваат ден пред оние оскаровските.

Американскиот претседател Доналд Трамп е номиниран за најлош актер за кратките, „камео“ улоги во два документарци од минатата година, „Death of a Nation“ од режисерот Динеш Д’Соуза, и во „Fahrenheit 11/9“ од Мајкл Мур.

Трамп веќе има добиено „Златна малина“ во 1989 година, за играњето на самиот себе во филмот „Ghosts Can’t Do It“ со Бо Дерек.

Сопругата од Трамп, Меланија Трамп и блиската соработничка Келиан Конвеј се номинирани за најлоши споредни актерки за архивските снимки користени во „Fahrenheit 11/9“.

„Gotti“, филмот за починатиот њујоршки мафијашки кум Џон Готи, целосно потфрли на кино благајните, па номиниран е за најлошо филмско остварување, најлошо сценарио и најлош актерски пар – Џон Траволта и неговата сопруга Кели Престон.

За номинираните ќе гласаат околу 1.000 членови на здружението „Златни малини“ од 24 земји, кои за 40 долари можат да се зачленат во здружението по електронски пат.

Оние добитници на „Златни малини“ кои ќе се појават на доделувањето на наградите, еден ден пред доделувањето на „Оскарите“, ќе добијат статуетка во форма на малина со големина на топче за голф, сместена на филмска лента, попрскана со златна боја. Наградата изнесува 5 долари.