Трансродов маж од Македонија доби позитивна пресуда од Судот во Стразбур против државата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Коалиција МАРГИНИ денес во Судот во Стразбур доби позитивна пресуда во корист на трансродов маж, во случајот ‘Икс против Македонија’, во кој Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.

Адвокатката Наташа Бошкова од Коалиција МАРГИНИ и адвокатот Константин Кожокариу од Велика Британија го застапуваат случајот ‘Икс против Македонија’ пред Европскиот суд од 2016 година. Подносителот кој е трансродов маж од Македонија ја поднесе тужбата против Македонија поради недостаток на законска рамка и ефективен правен лек за правно признавање на родот, и арбитрерно и неоправдано наметнување на барање за генитална операција од страна на институциите на државата како услов за промена на ознаките за пол во личните документи.

И покрај тоа што уште во 2011 година транс лицето доби одобрение од Министерството за внатрешни работи за промена на името и презимето во личните документи, Управата за водење на матични книги го одби неговото барање за промена на ознаките за пол и матичниот број, давајќи објаснување дека лицето нема извршено операција за потврда на родот. Обврската што Управата му ја наметна на лицето за доставување на медицинска документација не беше заснована на ниту една законска одредба, поради што лицето ја обжали одлуката на Управата пред Министерството за правда, а потоа и до Управниот суд. Од 2011 година сè до денес, случајот трипати се најде пред Управниот суд, при што Управниот суд во два наврати ја усвои тужбата на транс лицето, и ја задолжи Управата да донесе законито решение врз основа на домашното законодавство и праксата на Европскиот суд за човекови права. И покрај ваквите одлуки на Управниот суд, Управата во последната своја одлука се прогласи за ненадлежна да постапува по случајот, иако во меѓувреме Управата изврши промена во други два случаи, исто така врз основа на одлуки и задолжување од страна на Управниот суд.

Сето ова беше доволно за Европскиот суд да утврди дека државата го прекршила членот 8 од Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи, со што му го прекршила правото на приватен и семеен живот, а кое се однесува и на родовиот идентитет како компонента на личниот идентитет. Судот јасно нагласува дека ова се однесува “на сите индивидуи, вклучувајќи ги и трансродовите луѓе, како апликантот, кои немаат извршено операција за промена на родот, или кои не сакаат да се подложат на таков третман.” Исто така Судот заклучува дека постојната законска рамка во Македонија не обезбедува “брзи, транспарентни и достапни процедури” за промена на полот во личните документи.
По оваа одлука, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

Судот на транс лицето му додели 9000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период.