Џафери: Изгледа Иванов ги помешал лонците на крајот од неговиот мандат


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Се чини дека претседателот Ѓорге Иванов ги помешал лонците на крајот од својот мандат, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната прес конференција во Собранието на која официјално соопшти дека ги потпишал указите за Законот за јазици и Законот за ратификација на Договорот од Преспа.

Како што рече Џафери тој нема да бара одговорност од Иванов затоа што до сега ги немаше потпишано указите, но, посочи, надлежност на законодавната власт е да побара одговорност од претседателот, а не спротивното, односно Иванов да бара одговорност од Собранието.

-Прво и основно претседателот е тој кој не го испочитува Уставот, од негова страна се прекршени обврските и е злоупотребена службената должност. Според член 8 од Уставот темелни уставни вредности се и уредувањето во Република Македонија преку поделба на власта. Истиот не може да се меша во надлежноста на Законодавната власт. Тој, повторувам не ја исполни својата обврска – рече Џафери.

Собранискиот спикер додаде дека на Иванов му дал доволно време, но дека претседателот не ја испочитувал уставната обврска.

Бидејќи тој не ја исполни уставната должност, го презедов тоа што е во рамки на моите ингеренции. Не сум прекршил ништо. Законодавната власт е таа што може да побара одговорност од него како претседател. Нема зошто да му одговарам на него за било што – рече Џафери за реакцијата од кабинетот на Иванов, каде стои дека потпишувањето на указите е основа за кривично гонење.

На новинарско прашање кога ќе се сменат називите и таблите на институциите, како и називот на Собранието, така што ќе се додаде и албанскиот јазик, Џафери рече дека законот има дава рок од шест месеци на институциите.