Јане Ченто и Игор Југ нема да бараат амнестија: „Сакаме судење од судот, а не од политичарите“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со барање дозвола за свое триминутно обраќање до судот, еден од обвинетите за „крвавиот четврток“, Јане Ченто, во своето излагање најави дека нема да бара амнестија, туку бара и сака чесно судење од страна на судот, а не монтирано од страна на политичките елити.

Предметот за настаните во Собранието обвинетиот Ченто го нарече тежок и за судијката Кацарска, и за обвинетите, и побара судот, а не политичките елити, да носат одлука за овој случај.

„Сакам да ни судите вие, а не политичките елити. Сите овде, а најмногу вие како суд сакаме да се дознае вистината. Влеговме во Собранието понесени од емоции, но секој мора да си понесе одговорност за стореното. Не може да не помилуваат за дело кое не е докажано. Време е да покажеме дека сме правна држава и дека судската власт е независна. Вие како суд пресудете ни, а не политичките елити. Нема да барам амнестија, и сакам вие да ми судите, а не политичките елити“, рече пред судот обвинетиот Ченто. Ваквата изјава пред суд обвинетиот дополни дека ја дава за да остави трага дека сака правда, а останатото за кое како што нагласи, има многу што да зборува, ќе го каже во завршни зборови пред судот.

Ченто поддршка доби од обвинетиот Игор Југ, кој исто така најави дека нема да бара амнестија.

„Го поддржувам Ченто во сè што кажа во однос на довербата кон судот. Ниту јас нема да побарам амнестија и ќе очекувам вие да донесете одлука. Не го признавам законот за амнестија и нема да дозволам да бидам монета за поткусурување”, се обрати Југ, кој исто така беше нотиран во записникот.