Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Актуелниот претседателски пар Доналд и Меланија Трамп, во друштво на четворицата негови претседателски претходници од Белата куќа со нивните сопруги, Барак и Мишел Обама, Бил и Хилари Клинтон и Џими и Розалин Картер, како и петтиот во таа серија, Џорџ В. Буш Јуниор, се простија од нивниот претходник, 41. претседател на САД, Џорџ Буш Сениор.
Медиумите истакнуваат дека Доналд Трамп се поздравил со брачната двојка Обама, но не и со Клинтонови и со Картерови, кои биле малку подалеку. Хилари Клинтон, неговата противкандидатка на претседателските избори во 2016-та, ниту го погледнала, но срдечно разговарала со потпретседателот Мајк Пенс.
Оние кои добро го познавале, меѓу нив и поранешнипот канадски премиер Брајан Малрони, го опишаа Џорџ Х.В. Буш како решителен, но скромен човек кој знаел да се пошегува и на сопствена сметка. Во емотивниот говор со помалку хумор кој завршуваше со солзи, неговиот син Џорџ В. Буш, зборуваше за споменот на „извонредно талентираниот дипломат“ и „племенитиот“ човек. „Твојот висок морал, искреноста и широката душа ќе останат засекогаш со нас“, рече.
Принцот Чарлс, германската канцеларка Ангела Меркел, јорданскиот крал Абдула Втори и кралицата Раниа, полскиот претседател Анджеј Дуда придружуван од Лех Валенса, како и повеќе други високи функционери од странство беа меѓу присутните. По церемонијалното испраќање, ковчегот прекриен со американското знаме беше ставен во автомобил кој го превезе до воената база Ендрју во близина на Вашингтон, од каде што со претседателскиот авион ќе биде пренесен во сојузната држава Тексас. Граѓаните по патот ја поздравуваа долгата поворка автомобили.
„Ова не е погреб, ова е ден на прослава за великанот кој проживеа извонреден живот. Ќе ни недостига!“, напиша Трамп на Twitter пред церемонијалното испраќање.
Но само до неодамна, Северноамериканскиот договор за слободна трговија (NAFTA), кој го испреговара своевремено Буш постариот, Трамп го оцени како „глупав… катастрофален… најлош во историјата“. На некои изјави на Буш Постариот, Трамп уште само до неодмана се потсмеваше, на собирите во пресрет на изборите за Конгресот. Но кога стаса веста дека Буш починал, Трамп му одаде почест и потоа не проговори повеќе на оваа тема.
Џорџ Х.В. Буш, роден пред 94 години во богато семејство во Нова Англија, ја водеше земјата од 1989 до 1993 година во текот на завршувањето на Студената воја и во првата Заливска војна, додека во 1992 година на изборите беше поразен од демократот Бил Клинтон.