Сведоштво на Игор Југ за „27 април“: „Ние по затвори, а куртоните во фотелји“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во своето сведоштво за „крвавиот четврток“ обвинетиот Игор Југ во судницата порача: „Ќе им простам, ама ни мртов нема да им заборавам, а штета од она што јас сум тврдоглав и што немам влакна на јазикот имаме јас и мојата фамилија“.

Обвинетиот Југ пред судот ги појаснуваше трите СМС пораки со извесен Борче Шушка, кои се дел од доказите на обвинителството. Во својот исказ Југ рече дека со пораката: „Тие што ме пратија во Собрание, тие и ме осудија“, мислел на тоа дека оние кои 60 дена со гостување во емисии и изјави го повикувале народот, се криеле како глувци и ниту еднаш не собрале храброст да излезат.

Југ, зборувајќи дека е ВМРО-вец рече дека во секој нов претседател на партијата го гледал Тодор Александров.

„Како што Св.Петар се откажал од Исус, така тие се откажаа од нас. Го молам Бога еднаш и нашите политичари да се освестат и да се искупат со добри дела”, рече Југ.

За партијата ВМРО-ДПМНЕ, Југ рече дека работел сѐ, од лепење плакати до обезбедување на состаноци без пари.

„Гневен сум, но христијанството ме учи да простувам. Ќе им простам, но ни мртов нема да заборавам оти ме пратија во прогон“, рече Југ.

Обвинетиот ја цитираше и пораката: „Ние по домови, по затвори, по бегства, а куртоните во фотејли“, која тој му ја испратил на Шушка. Обвинетиот Југ содржината на оваа порака ја објасни со тоа дека мислел на тоа дека старите ВМРО-вци биле заборавени, маргинализирани и понижени, а им замерувал и на старите раководства на партијата кои им велеле: „Остајте ги нашите, они се сигурни. Дајте да ги придобиеме комуњарите и од другите партии“. Ваквото однесување на раководството на партијата Југ го крсти „За мало гласова“.

За повиците кој ги презентираше обвинителството како докази тој кажа дека едниот од Александар Василевски Нинџа кој поседува 4 кучиња, а Игор Југ се занимава со дресирање на кучиња. Друг, посочи, бил кога Нинџа му се јавил да го прашува за тоа дали постои некаква група Легија на честа во Куманово. За разговорот со Никола Митревски – Кољо бил во врска со тоа дали на 27 април ќе се поставуваат шатори пред Собрание.