Сведоштво за „крвавиот четврток“: „Нинџа беше главен организатор на 27 април“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во своето сведочење од околу два часа на пултот за сведоци во судницата за „крвавиот четврток“,потенцирајќи дека својата одбрана во рамки на предметот во кој е обвинет ја подготвувал над една година, сведокот Михаил Младеновски го посочи Александар Василевски-Нинџа како главен организатор за настаните од 27 април.

Обвинетиот Младеновски настаните од 27 април ги поврза со името на Владимир Атанасовски, директор на УБК, а како главен организатор го посочи обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, од кого ја чекале наредбата: „Денес е денот“. Обвинетиот до детали околу два часа раскажуваше за тоа какви релации имал обвинетиот Нинџа, кому и какви насоки давал и со кого комуницирал, како и на периодот што му претходел на упадот во Собранието, пренесува Мкд.мк.

Обвинетиот Младеновски во својот исказ посочи дека Нинџа бил организатор, а зад него стоел директорот на УБК, Владимир Атанасовски. Во декември 2016 година Нинџа, според исказот на Младеновски, ги повикал во кафуле за да им го каже планот за дејствување и фрлање молотови коктели во ДИК.

„Ако ДИК ги одбие приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, насоките се дека треба да се упадне во зградата на ДИК и дека ќе има лица што ќе фрлаат молотови коктели. Од таму со 6 возила се упативме во зградата на ДИК, а таму искочи Нинџа и нè собра во круг. Во групата имаше од 20 до 30 лица и ни кажа дека ќе ни даде насоки кога ќе влеземе“, раскажа обвинетиот Младеновски пред судот.

Тој додаде дека тогаш не се случило никакво насилство оти седницата не се одржала, а за понатаму не добиле инструкции за дејствување.

Обвинетиот Младеновски посочи дека средбите со Нинџа и неговата група ги остварувале во кафулињата Дион или Аристократ. Зборуваше и за тоа дека овие лица и тој со нив биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 30 декември 2016 кога требало да се донесе одлука дали ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ќе прават влада. Кога веќе станало извесно дека тоа нема да се случи, лице со прекар Боксер им кажало дека „претседателот Ѓорге Иванов нема шанси да му додели мандат на Заев и дека ако е така, ќе треба да има војна“. За инструкциите што ги добивале во периодот пред 27 април Младеновски кажа дека се однесувале на тоа дека ако СДСМ треба да направи влада и да избира претседател на Собранието, да се влезе во Собрание.

Младеновски рече дека присуствувал околу 15 пати на протестите по ова и појасни дека логистичка поддршка за овие протести имало од сите месни и општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, а ова го знаел поради тоа што „југото“ што одело напред на протестите било на партијата. Насоки дека треба да се преземе нешто, со образложение дека државата била загрозена, обвинетиот Младеновски рече дека добиле и во февруари 2017, кога Нинџа ги собрал во „Аристократ“.

„Се сретнавме во Аристократ, беше Мери од УБК, Никола Бошковски-Прскач од УБК, Кољо, Нинџа и брат му на Нинџа. Прскач рече дека државата ни е загрозена, дека мора да ја одбраниме, дека тие ќе стојат зад нас, а сите насоки ќе ги давал Нинџа. Насоките беа да се оди на протести и да се следи кој присуствува. Боксер ни покажа слика од жена со руса коса, со камера, со акредитации од странски новински агенции. За ова требаше да се извести Нинџа, кој потоа ни кажа дека жената била приведена и дека наводно работела за ЦИА“, рече во својот исказ обвинетиот Младеновски.

Тој пред судот посочи дека неколку пати кога тој и други од групата ќе му кажеле на Нинџа дека е време да се одбрани државата, добивале одговор од него дека „не е сега денот“.

За 27 април обвинетиот Младеновски раскажа дека околу 13 часот биле повикани на ручек од Кољо во „Дион“, каде што веќе бил Нинџа со околу 20 луѓе. Обвинетиот Нинџа ги пречекал со зборовите: „Денес е денот“ и му дал инструкции на Кољо дека „подрско ќе изгледаат ако стават маски“. По ова, по наредба на Нинџа, кој им дал пари, Кољо и обвинетиот Младеновски заминале во продавницата „Камуфлаж“, каде што купиле фантомки.

Неколку часа откако се сретнале во „Дион“, пристигнала и друга група од Ѓорче Петров, за која Нинџа кажал дека биле поранешни членови на СДСМ, но дека тој им рекол ако не сакаат да имаат проблеми, денес е денот да се докажат.

Инструкции од обвинетиот Нинџа добивале и патриотските здруженија за кои, според исказот на Младеновски, Нинџа кажал дека биле „кретени“ и дека 27 април бил денот кога требало да покажат дали „имаат муда“.

Акцијата кон Собрание, според исказот на Младеновски, започнала кога на стрим виделе дека во Собранието се пее албанската химна, а тоа било нешто пред 18 часот.

„Во ‘Дион‘ облечени во маички дојдоа и од здруженијата ‘Тодор Александров‘, од ‘Ќосето‘, како и од кумановското здружение ‘Черноземски‘. Обвинетиот Игор Југ го познавам оти бев другар со неговиот покоен син. На стрим видовме дека се пее албанската химна и чекавме Нинџа да каже да тргнеме. Тоа се случи околу 16.40 часот, кога Кољо ни кажа оти Нинџа се јавил да тргнеме. Се собравме во група од 60-70 лица, а Кољо доби повик, кој траеше околу 5 секунди. Го затвори телефонот и ни рече: ‘Се влегува во Собрание‘. Дел од групата ставија маски, дел не, се приближивме кон Собранието, тогаш вратите не беа отворени. Толпата нè притискаше и останавме без воздух. Кољо ни даде насоки дека оваа врата пред која стоиме нема да се отвори и нè упати од лева и од десна страна. Само што застанавме пред вратите, прво се отвори едната, па другата“, раскажа Младеновски.

Младеновски рече дека откако влегле во Собранието, горе на скалите први ги видел пратениците Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски, кои ги повикувале луѓето да одат кон пленарната сала. Качувајќи се нагоре кон холот „Длаборез“, обвинетиот дополни дека сретнале лица од собраниското обезбедување, од кои дел им кажале да одат полека, да се смират, а дел ги храбреле, велејќи им: „Браво Македонци“. Кога стигнале до стаклена врата, виделе едно лице што со картичка требало да им ја отвори вратата, но Кољо ја скршил. Подоцна во одговорите обвинетиот Младеновски појасни дека лицето што требало да им отвори со картичка е Горан Ѓошевски-Леви, шеф на личното обезбедување на Трајко Вељаноски.

Обвинетиот Младеновски рече дека додека оделе низ Собранието, наишле на лице во цивил што им вперило пиштол, по што тој се повлекол, но од Кољо добил охрабрувачки насоки дека и тој има пиштол. Како што рече пред судот, обвинетиот сфатил дека тој и групата биле наместени кога зад масите ги видел пратениците на СДСМ и тогаш одлучил да излезе од прес-салата, каде што, како што рече, не презел никакво дејство. Нешто пред 20 часот групата се сретнала кај споменикот на Прометеј во паркот Жена-борец, а таму биле и Нинџа, Игор Југ и лице од УБК, кое прво ги известило дека тука нема камери оти тој ги искршил, а потоа им кажал и дека претседателот Ѓорге Иванов во 22 часот ќе се обрати и ќе прогласи воена состојба. Но, како што рече обвинетиот Младеновски, ништо од тоа не се случило и Иванов повикал на мир.

Информацијата за прогласувањето воена состојба беше на Дејан Димовски-Боксер, појасни обвинетиот, а нему му ја кажал „извесен Синиша што работи во кабинетот на Иванов“.

Својот исказ пред судот обвинетиот Младеновски го заврши со заклучок, кој како што рече дека бил општ заклучок на групата, дека народот е предаден, наместен и тепан.

На последната средба на 27 април Нинџа им кажал на сите да си одат, а дека од наредниот ден ќе добиваат нови инструкции.

Обвинетиот Младеновски однесувањето на Нинџа од 28 април па натаму го опиша како параноично, бидејќи обвинетиот Нинџа постојано ги менувал локациите каде што се среќавале и постојано им велел да внимаваат што зборуваат оти се прислушувало и сите знаеле сѐ.

За обвинетите во постапката за 27 април што се посочени како организатори на протестите на „За заедничка Македонија“ обвинетиот Младеновски рече дека не биле дел, ниту пак биле спомнати во таа комуникација. Како главен виновник за случувањата на 27 април Младеновски го посочи директорот на УБК Владимир Атанасовски, но не и целата служба, во која, како што рече, „има и чесни луѓе“.