Македонски Пошти – „Мека за арамии“: Украдени се 133 милиони денари, краделе дури и шалтерските работници!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во период од 14 години, буџетот на македонската пошта бил олеснет за 133,6 милиони денари. Од документите што ни ги приложи директорот на „Македонски Пошти“, Ејуп Рустеми, може да се види дека вработените проневериле 33 милиони денари, а останатите 100 милиони се од кражби од надвор.

-Ние ги третираме сите овие кусоци како побарувања бидејќи е од непознат сторител и бидејќи во декември 2005 се случи кражба од 36, 5 милиони денари. Потоа, март 2008, околу 40 милиони денари и февруари 2013 околу 13 милиони денари. Сите овие се во постапка. За сите овие случаи е веќе информирана и полицијата и таа работи на тие случаи. Уште немаме повратна информација- вели Ејуп Рустеми – директор на АД „Македонски пошти“.

Што се однесува за проневерите од вработените, Рустеми објаснува дека најчести се кражбите од работниците на шалтерите. Секој службеник си има свој шалтерски број и лесно можело да се најде кој ги украл парите. Оние лица за кои инспекцијата ќе утврди дека ја извршиле кражбата, им се бара да го вратат целиот износ. Доколку не ги вратат парите, ги пријавуваат во полиција. Против дел од нив веќе се води и судска постапка, вели Рустеми.

Според информациите од ревизорскиот извештај, првичните пријавени кусоци од кражбите биле во висина од 133, 3 милиони. По исправката на вредноста, едниот кусок станува 51,3 милиони, а другиот 11,3 милиони. Првиот човек на македонски пошти објаснува дека исправката била направена според меѓународните стандарди за книговодство.

-Ние сите овие ги третираме како побарувања. Според сметководствени политики ние некои побарувања треба да ги прикажеме според книговодствени политики. Ние тие ги намалуваме според книговодствени политики, но истовремено, целокупната сума ја третираме како побарување- вели Ејуп Рустеми – директор на АД „Македонски шуми“.

Со оглед на фактот дека Друштвото нема извршено соодветна проценка на надоместливиот износ на овие побарувања согласно барањата на сметководствените стандарди кои се во примена во Република Македонија и покрај тоа што постојат индиции за обезвреднување на овие средства, ние не бевме во можност да се стекнеме со разумно уверување во однос на евидентираната исправка на вредност на овие побарувања, пишува во извештајот од независната ревизорска куќа.

Рустеми рече дека секоја година ангажираат различна ревизорска куќа. За 2017 година било избрано друштвото за ревизија Мур Стивенс. Не ни одговори дали овој извештај ќе биде пратен од Основното јавно обвинителство, но рече дека е веќе доставен до Владата на РМ. Од ОЈО ни рекоа дека дополнително ќе ни обезбедат информација дали до нив стигнал ваков извештај.

Извор: Лидер.мк