Светот ја одбележува стогодишнината од крајот на Првата светска војна


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Париз денеска ќе биде домаќин на повеќе од 70 шефови на држави од целиот свет по повод стогодишнината од крајот на Првата светска војна и потпишувањето на Мировниот договор на 11 ноември 1918 година.

Меѓу светските лидери присутни ќе бидат американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и многу други.

Денот ќе го одбележат повеќе манифестации, а главната веќе започна пред Триумфалната капија, каде со највисоките воени почести на присутните ќе им се обрати францускиот претседател Емануел Макрон. Тој треба да говори пред гробот на непознатиот јунак точно во 11 часот, времето кога пред 100 години е потпишано примирјето.

Во рамките на годишнината ќе се одржи и прво заседание на Парискиот мировен форум, кој се воспоставува на иницијатива на Макрон, како одговор на растечките тензии во светот и опасноста по меѓународната соработка. На отворањето на форумот покрај Макрон ќе говорат и Меркел и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутиереш.

Првата светска војна, која ја промени политичката карта на светот, сруши многу царства и однесе преку 40 милиони човечки животи. Во 1914 година Австро-Унгарија објавила војна на Србија, по што почнува војната. Првата светска војна се водела четири години помеѓу два сојузи на држави – Антантата и Централните сили. Војната важи за еден од најсмртоносните конфликти во модерната историја на човештвото.

Извор: Радио МОФ