Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Во текот на изминатите неколку месеци членовите на Платформата за јавно – приватен дијалог: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија, спроведоа заедничко истражување по однос на најавеното прогресивно оданочување и можните последици од истото врз развојот на македонската економија.
Истражувањето беше спроведено со голем број на домашни претпријатија. Дополнително беа организирани две фокус групи, со цел да се изготви сеопфатна анализа на ставот на бизнис заедницата и да се дадат конкретни препораки до Владата кои би ги дефинирале понатамошните чекори за решавање на ова прашање.
Анализата на резултатите јасно го истакна ставот на бизнис заедницата дека доколку прогресивното оданочување се реализира, истото би имало негативни последици врз целата бизнис заедница со тоа што значително ќе се зголеми сивата економија и ќе се нарушат условите под кои ќе се одвива целокупната економија во државата. При тоа треба да се има предвид фактот дека станува збор за сериозна промена на даночниот режим со кој се создава нов систем на обврски на неполни два месеци пред крајот на годината, кога најголем дел од деловните субјекти веќе ги имаат направено планирањата за следната фискална година. Со предложените измени во даночниот систем се усложнува работењето на компаниите.
Стопанските комори се согласни дека изразениот став е јасен и недвосмислен и дека неопходно е да се земе предвид при креирање и ревидирање на националните политики. Врз основа на спроведеното истражување стопанските комори испратија и официјален Позиционен документ до Владата и сите надлежните министерства. Со овој документ стопанските комори излегоа со заедничко барање за одложување на најавените даночни реформи за воведување на прогресивно оданочување, за најмалку 5 години. Воедно, стопанските комори и понатаму повикуваат на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики кои ја засегаат бизнис заедницата, со цел да се избегнат непоправливите штети кои би можеле да му се нанесат на македонското стопанство како резултат на избрзани одлуки во кои не се земени предвид сите релевантни фактори.
Оваа активност е дел од Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во партнерство со четирите стопански комори.