Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Причините за оваа негова неотповиклива оставка од претседателската функција на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ тој ги објави во подолг статус на неговиот личен Фејсбук профил.
„Почитувани членови, активисти и симпатизери на Унијата на Млади Сили, како и на другите структури на ВМРО-ДПМНЕ, почитувани пријатели и поширока јавност, ви се обраќам со цел да ве известам за мојата одлука за поднесување на неотповиклива оставка од функцијата Претседател на Унијата на Млади Сили.
Во продолжението на овој текст ќе ги наведам и објаснам причините за овој мој потег, за кој што долго и сериозно размислував.
Пред се, сакам да кажам дека во ова матно и непредвидливо време за нашата партија и држава, тешко е човек да знае кој е вистинскиот пат. Токму за вакви ситуации постојат вредностите на кои што се базира нашата партија, а со кои што сум израснат преку моето долгогодишно дејствување во Унијата на Млади Сили. Тие вредности беа моја клучна водилка да се одлучам на овој сериозен чекор. За жал, стигнав до заклучок, кој што сум убеден дека го споделува и пошироката јавност, а особено младиот сегмент од популацијата, дека во последниот период партијата е преокупирана со дневна политика, популизам и задоволување на интересите на една мала група луѓе.
Покрај тоа што моменталното раководство имаше скоро цела една година да излезе со една сеопфатна стратегија за одговарање на горливите прашања, тоа не само што не се случи, туку и ништо не навестува дека ќе дојде до промена на курсот. Додатно, гледаме дека има континуирано влошување на односите со клучните меѓународни фактори, кои што сакале ние да признаеме или не, имаат огромно влијание врз политичкиот живот во нашата држава и во поширокиот балкански регион. Ова е очигледно од се појасното дистанцирање на нашата партија од најмоќното политичко семејство на континентот – Европската Народна Партија – каде што лежат нашите вредности и интереси, уште од самото основање на ВМРО-ДПМНЕ.
Друг пример е фактот дека клучни носители на одлуки од американската администрација целосно одбиваат да дискутираат со моменталното раководство т.е. воопшто не ја сметаат нашата партија за релевантен фактор.
За крај, сакам да подвлечам дека на функцијата од која сега давам оставка се нафатив со силно убедување дека како и во минатото и сега нашата партија има капацитет да еволуира и да биде предводник во отворањето на едно ново поглавје во модерната македонска историја. Никогаш не сум сакал да бидам дел од дворски игри, кои што го одвлекуваат нашето цело внимание од вистинските проблеми. Најодбивно од се ми е грубото поигрување со националните чувства на македонецот, а се со цел бегањето од одговорноста и од носењето на сериозни одлуки во клучни моменти.
ВМРО-ДПМНЕ како столб на македонската државност има посебна одговорност, не само спрема своето членство, туку и према нацијата.
Без ВМРО, нема Македонија!
Борбата продолжува!“