Српската мафија ровари во Јужноафриканска Република: Ликвидиран адвокатот од убиецот на Аркан


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Српското подземје стационирано во Јужноафриканската Република повторно е во центарот на вниманието со новото убиство кое се случи во рамки на серијата ликвидации поврзани со српската мафија и убиството на Жељко Ражнатовиќ – Аркан.

Адвокатот на српскиот државјанин Добросав Гавриќ, осуден во Србија на 35 години за убиството на Аркан е последниот од низата убиени Срби во ЈАР. 50-годишниот адвокат Пит Михалик е убиен денес наутро пред приватно училиште во областа Грин Поинт во Кејп Таун. Во моментот кога бил начекан од заседа, адвокатот ги носел на училиште својот син и ќерката.

Неговиот осумгодишен син бил повреден во престрелката и е префрлен во болница. Пред неколку години мајката на децата извршила самоубиство.

И покрај тоа што Михалик имал телохранители, убиецот се приближил до неговиот Мерцедес и го застрелал во глава пред да реагираат од обезбедувањето. Михалик во кулоарите во ЈАР бил познат под надимакот „Адвокат на ѓаволот”, зашто ги бранел некои од најозлогласените криминалци во оваа африканска земја.

Меѓу нив е и убиецот на Аркан, Добросав Гавриќ, кој од 2011 е во притвор во ЈАР, а Михалик го спречувал неговото испорачување во Србија ,каде го чека казна од 35 години затвор за убиството на Аркан.

Гавриќ ја одлага екстрадицијата со образложение дека во Србија ќе биде убиен. Пред две години беше убиен и другиот адвокат кој го бранеше Гавриќ. На сличен начин како Михалик , беше убиен и Нурудин Хаса.

Од почетокот на годинава тројца припадници на српското подземје, поврзани со убиството на Аркан, се убиени во Јужноафриканската Република. Тие таму живееле и се занимавале со продажба на дијаманти и злато, а се скриле по убиството на Аркан.