Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Луѓето ја прават историјата, а не политиката, јас лично би сакал да верувам дека ова е само почеток на нешто што допрва ќе следи и кионечно, зошто да не можеме да бидеме и браќа што ќе се борат против злото каде и да е, се дел од изјавите на двајцата грчки актери во филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, непосредно пред скопската премиера на филмот.
Во изјавите дадени за „Радио Слободна Европа“, Јоана Пилиху, која во филмот го толкува ликот на атинската фоторепортерка Андреа Пападина и Аргирис Каканис, кој во филмот мошне впечатливо го отелотворува ликот на братучедот на Александар по мајчина страна од маџирското маало во селото Герман, велат дека „творците на филмот можеби не зборувале на ист јазик, но дефинитивно ја делеле истата страст за својата дејност“.
„Љубовта, почитувањето, комуникацијата, страста кон професијата, тоа се работите кои ни се толку слични што не може да се опише. Јас додека снимавме се почувствува толку добредојдена од сите, што не можев а да не мислам дека сум дома иако реално не сум таму“, вели Пилиху. Нејзиниот лик Пападина во филмот оди во грчкиот регион Македонија, на северот од земјата и ги направи фотографиите на нејзиниот живот, низ нив раскажувајќи ни за мистеријата на заплетканите човечки, културни и политички односи помеѓу Македонија и Грција и Македонците и Грците.
„Сценариото е всушност за потрага по идентитетот. Различните култури за мене беа многу интересни. Јас тоа го гледав преку очите на протагонистите. Останува на публиката сама да процени. Ова е многу силна приказна и реално нам на сите овде во регионот ни требаат вакви филмови. Ни требаат филмови над кои ќе се замислиме малку повеќе“, додава нејзиниот колега Аргирис.
Прашани, пак за тоа дали преку филмот, преку уметноста почнуваме да градиме мостовите на пријателство и да расчистуваме со предрасудите едни за други, актерите со свое видување на нештата. Јоана Пилиху ќе рече дека за неа оваа соработка била како благослов, бидејќи ние сме соседни земји, а всушност и не се познаваме. А, би требало бидејќи толку сме слични едни со други.
Каканис, пак, верува дека филмот „Ругање со Христос“ е своевиден мост помеѓу двете земји.
„Ние мора само така да ги гледаме работите и дефинитивно по страна да ја оставиме политиката. Секаде онаму каде што ќе се вмеша политиката работите дефинитивно стануваат конфузни. Во овој случај треба да си се држиме до приказната и да веруваме во желбата за промени. “, вели грчкиот актер.
Извор: Експрес