Предлогот за уставни измени за Преспанскиот договор усвоен во Влада – следна институција Собрание


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На вонредната владина седница во врска со Препанскиот договор и неговата имплементација, беше усвоен предлогот за уставни измени кој Владата го фокусира на четири суштински измени.

Тоа се членовите каде стои Република Македонија, пред република да се додаде „Северна“, измена на Преамбулата и јакнење на одлуките на АСНОМ, јасно определување на границите на Македонија и ангажирање на државата за грижа за Македонскиот народ и граѓаните на Македонија во дијаспората.

Од Владата не кажуваат конкретно колку членови ќе се менуваат, бидејќи тоа ќе се утврди во постапката на уставни измени. Владата исто така не кажа дали е обезбедено двотретинско мнозинство за измените.

Веднаш по оваа одлука, претседателот на Собранието пристигна во Владата за да го добие предлогот за да свика седница на Комисија за уставни измени, како матична комисија. Неофицијално, претседателот на Собранието Талат Џафери кој ги води седниците на Комисијата за уставни прашања, се очекува утре да ја свика седницата.

Расправата во матичната комисија трае 10 дена. Од друга страна, потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, не потврди дали е обезбедено мнозинство за уставните измени, но рече дека станува збор за историска шанса и дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ треба да ја поддржат оваа одлука. Од ВМРО ДПМНЕ не ја коментираат одлуката на Владата, обвинувајќи ја дека бега од одлуката на граѓаните, кои според нив, се против договорот со Грција.

По поминување на првиот филтер во Комисијата за уставни прашања, предлогот се праќа на пленарна седница. Во оваа фаза се потребни 2/3 од гласовите за отворање на постапка за уставни измени, како што налага деловникот на Собранието. Во втората фаза се доставуваат амандманите каде за секој амандман се гласа посебно со мнозинство гласови.

Потоа почнува фаза на измени во преамбулата кои се усвојуваат со двотретинско мнозинство и со мнозинство гласови на пратениците од етничките заедници во Македонија. Последната фаза е усвојување на уставните измени, исто така со двотретинско мнозинство. Во случај постапката да се одвива регуларно, според деловникот, уставните измени се очекува да бидат усвоени за 106 до 110 дена во Собранието.