ВМРО-ДПМНЕ најави кривични пријави за над 200 лица за нерегуларности на референдумот


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, изјави дека Централниот комитет синоќа ги разгледа и ги потврди заклучоците донесени на завчерашната седница на Извршниот комитет, а тие кратко се однесуваат на веќе познатите три точки:

Разрешување на Јавниот обвинител и избор на Јавен обвинител на предлог на опозицијата со цел истражување и процесирање на сите нерегуларности коишто се случија пред, за време на референдумскиот ден и по референдумот
Формирање на анкетна комисија во Собранието составена од пратеници која што треба да ги истражи сите нерегуларности и да ги процесира до соодветните органи

Почитување на Законот за Влада и избори, со цел доколку има избори да се формира Влада по Пржински модел со мандат од 100 дена

Централниот комитет вечерва донесе заклучок итно општинските комитети да формираат општински изборни штабови коишто ќе функционираат до завршувањето на претседателските избори. Централниот комитет детално ги анализираше нерегуларностите во одредени општини каде што над 50.000 гласови беа злоупотребени во текот на референдумскиот ден односно имаше грубо полнење на кутии, како и сите притисоци коишто се случија пред референдумскиот ден и сите континуирани притисоци коишто се случуваат по референдумскиот ден.

Скоро сите претседатели на општински комитети информираа дека голем број граѓани коишто не излегле на референдумот или имаа сознанија дека излегле ама гласале „против“ се изместени од своите работни места надвор од Законот за јавна администрација и се бркани од работа од приватните компании.“

На седницата, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди одлуката дека не го признаваат резултатот од референдумот затоа што истиот го сметаат за фалсификат.

Николовски најави дека во текот на утрешниот ден, партијата ќе поднесе кривични пријави против повеќе од 200 лица – претседатели, заменици претседатели, членови и заменици членови на избирачки одбори на избирачките места во општините Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај.

Ним на товар им се ставаат вкупно шест кривични дела, истакна Николовски – злоупотреба на службена должност и овластувања, несовесно работење во службата, злоупотреба на избирачко право, изборна измама, фалсификување и уништување на деловни книги и повреда на тајноста на гласањето.