Поради скандалозниот и контроверзен „твит“ – Чилиманов суспендиран од МИА


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Откако во јавноста предизвика лавина од реакции и револт поради „повикување на силување“ со неговиот „твит“ од личен профил на Твитер, уаптен против дописничката на „Financial Times“, Валери Хопкинс, новинарот Цветин Чилиманов е суспендиран од државната новинска агенција МИА.

Чилиманов, како што пренесува БИРН, е суспендиран од работното место и тој има рок од три дена, односно до понеделник, да се изјасни во врска со суспензијата. Потоа, дисциплинска комисија од државната агенција МИА ќе ги сослуша аргументите на Чилиманов и ќе достави предлог до директорот на МИА, Драган Антоновски, кој треба да ја донесе крајната одлука – дали тој ќе добие отказ од работното место, ќе биде казнет или пак нема да се соочи со никакви последици.

Чилиманов на Твитер, во понеделникот, цитираше статус на Хопкинс, апелирајќи: „ До сите таксисти што ме следат, ако ви влезе оваа во кола, време е за чичко Кумплунг“. Оваа реплика е од македонскиот филм „Самоуништување“, каде главниот лик, таксист кој го глуми Јовица Михајловски, ја носи на Водно девојката на неговиот син и ја силува.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ оценуваат дека ваквите примитивни закани не се вперени само против колешката Хопкинс, туку кон целата новинарска заедница и имаат за цел да ги застрашуваат новинарите со цел да не ги опсервираат на критички начин политичките процеси.

„Го потсетуваме Чилиманов, кој воедно е и потпретседател на МАН и беше член од ад хок комисијата на изборите во 2016 година, предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека повикувањето на насилство претставува тешко прекршување на новинарските стандарди и ја нарушува новинарската солидарност. Со вакви непримерни испади се дискредитира целата новинарска заедница и новинарството воопшто како професија, која треба да негува толеранцијата и меѓусебното разбирање“, се вели во заедничкото соопштение на трите здруженија.

Твитот на Чилиманов го осуди ОБСЕ, кој според организацијата е срамен и неприфатлив и наведоа дека сите закани кон новинари, особено повиците за насилство кон жени новинарки се неодговорни. МИА во целост се огради од неговиот твит, а Чилиманов на тоа одговори на Фејсбук: „И јас се оградувам од оваа МИА за многу работи“.

За случајот реагираше и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој на Твитер ѝ се извини на новинарката за ваквото однесување во име на целата држава, а се огласи и американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, кој напиша: „Срамен е повикот за насилство врз новинари. Цветин треба да се засрами“.

Извор: Призма