Фактите на министерот Димитров за референдумот и избирачкиот список


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на својот Фејсбук профил, изнесе низа факти поврзани со референдумските резултати од националниот референдум кој беше одржан во неделата во Македонија. Меѓу другото, тој го потенцираше и како факт нереалниот број на гласачи на постоечкиот и актуелен избирачки список.

„Дали е факт дека избирачкиот список не е воопшто реален, ако се земат предвид податоците на Фондот за здравствено осигурување? Да. 416.382 се малолетни лица, без право на глас, од вкупно 1.872.466 осигуреници. Дали стотици илјади граѓани ни се иселени? Да“, напиша Димитров.

Понатаму, во фактографскиот попис на Димитров стојат и следните ставови:

„Дали е факт дека на референдумот не гласаа повеќе од половината граѓани (903.169) од вкупно запишаните на избирачкиот список (1.806.336)? Да.

Дали е факт дека референдумот беше консултативен, односно незадолжителен? Да.

Дали е факт дека без формална излезност, одлука на народот, одлуката се враќа на институциите? Да.

Дали е факт дека со постигната излезност беа потребни само 441.585 гласови ЗА? Да.

Дали е факт дека имавме 609.813 гласови ЗА? Да. Тоа значи дека не ни требаа повеќе гласови ЗА, туку повеќе гласови ПРОТИВ. Дали е логично да фалат гласови ПРОТИВ, за резултатот да биде ЗА? Не е.

Дали е факт дека 609.813 граѓани се поголемо мнозинство од сите граѓани кои гласале на парламентарните избори во 2016 (1.191.854) и од сите кои гласале на локалните избори во 2017 (1.079.876)? Да.

Дали е факт дека во програмата на ДПМНЕ на страна 295 пишува дека референдумот ќе биде успешен доколку го поддржат мнозинство од граѓаните кои ќе ИЗЛЕЗАТ да гласаат, а не мнозинство од запишаните на избирачкиот список? Да. Еве цитат:
“ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референ- думот да се согласни со можното решение.”

Дали е факт дека прашањето за референдумско консултирање на граѓаните за прашањето за името беше воведено од сегашната опозиција за сега да “апстинираат”? Да.

Дали е факт дека се плашеа од пораз и решија да не учествуваат (секоја чест на исклучоците) и да се кријат зад иселените, кои решиле да си ја бараат Европа надвор од Македонија? Да.

Дали е факт дека ова мнозинство граѓани, кое би победило и на парламентарните во 2016 и на локалните во 2017 сака Македонија да оди напред? Да.

Дали Собранието ќе најде сила да го слушне гласот на мнозинството? Гласот на народот? Ќе видиме деновиве.

Да имаше еден, ЕДЕН глас ПРОТИВ повеќе, ќе се поклоневме и ќе креневме раце. Но со вака убедливо мнозинство ЗА, наша должност кон народот е да најдеме начин да зачекориме напред, без или со нови избори.

Да беше лесно, немаше да биде историски. Напред и нагоре! Ќе не’ биде!“.