Ново сведочење за крвавиот четврток: „Во толпата имаше припадници на Шестата управа“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Припадникот на единицата за јавен ред и мир, Митко Груевски, денес сведочеше во рамки на продолжението на судскиот процес за насилството во Собранието на 27 април, 2017 година. Пред судот сведокот раскажа дека бил ангажиран како физичко обезбедување за време на протестите, пренесува Мкд.мк.

Кога толпата се движела од Владата кон Собранието, сведокот со неговите колеги со возило ја следеле масата народ. Толпата се движела пеш, а дел од протестантите се возеле во корпа од багер. Меѓу луѓето кои биле дел од толпата, сведокот Груевски додаде дека од обвинетите ги видел Нинџа, Бетмен, Дурловски, Јовановски, а дополни и дека имало и негови колеги од Шестата управа за обезбедување на ВИП лица.

„Во толпата имаше и мои колеги, не знам дали беа службено или приватно таму. Тоа не ми е познато. Имаше колеги од Шестата управа за обезбедување на ВИП лица. Можеби биле и службено ангажирани, не знам. Господинот Бетмен беше во првите редови, а таму беа и Нинџа, Дурловски и актерот“, сведочеше Груевски.

Тој во својот исказ рече дека според она што го видел во тие неколку дена кога траеле протестите на „За заедничка Македонија“ учесниците во толпата се движеле мирно и демократски. Сведокот рече дека обезбедувањето пред 27 април интервенирало само еднаш кога толпата се туркала додека се делеле привезоци. На 27 април сведокот рече дека бил прва смена на работа.