Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Вечерва во библиотеката „Гоце Делчев“, Велес во 19 часот ќе се изврши промоција на романот од Ана Стојаноска „Јас и Лин, отпосле“, кој беше лауреат на „Рациновото признание“ за 2017 година.
Книжевниот разговор ќе го води Сашо Димовски, а извадоци од наградениот роман ќе читаат Васил Зафирчев, Никола Ацески и Верица Ацеска.
Романот „Јас и Лин, отпосле“, како што напиша во рецензијата Оливера Ќорверзировска, е еден „неодоливо, несовршен роман“, кој може да се дефинира како љубовен роман. Меѓутоа, вели рецензентката, „оваа едноставна констатација колку што го опишува, исто толку и го навредува впечатливото и помамно прозно писмо зад насловот. Оти му е малку на текстот да биде љубовен, оти ѝ е малку на Стојаноска да биде само романсиер“. Романот има и роман во роман, за семејството Веронови и една детективска приказна, а истовремено е полн со музика, поезија, фотографии, разни парчиња други текстови, кои на еден хибриден начин ја создаваат комплексната и комплетна приказна за младата писателка Саша, нејзиниот љубовник, актерот Лин, неговата сопруга Маја, како и романот за семејството Веронови, чиј најстар член умира во неразјаснети околности.
Романот „Јас и Лин, отпосле“, како што е редок примерок во македонската книжевна практика, истовремено нуди една ретка, поинаква, несекојдневна своја промоција.
д-р Ана Стојаноска (1977), театролог, вонредна професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала на Филолошки факултет во Скопје, на отсекот за општа и компаративна книжевност (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007).
Работела како истражувач – координатор во Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности – Скопје од 2002 г. Учествува на многу симпозиуми и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата.
Автор е на книгите: Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (ФДУ, 2006). Приредувач на книгите Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Автор на повеќе студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Исто така, еден е од авторите/составувачи на Поимникот на книжевната теорија (МАНУ, 2007).
Пишува поезија и проза. Автор е на монодрамата Стаклен лампион, праизведена како радиодрама, во продукција на Театра – Скопје, 2013 г.