Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на независноста на Република Македонија


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Честитајќи ви го 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија би сакал заедно да се потсетиме на суштината на овој голем празник.

Делото што го започнаа Илинденците а го продолжија АСНОМ-ците, конечно го заокружија македонските граѓани на 8 Септември 1991 година, на нашиот трет и конечен Илинден.

Bо очи на тој историски референдум во нашата татковина не доаѓаа високи странски претставници. Тоа беше момент на вистинска народна саморефлексија од која произлезе ненаметната, автентична и чиста волја на македонскиот народ и македонските граѓани.

Македонскиот народ на 8 септември 1991 година го искористи своето право на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување од дотогашната заедничка држава. Со огромно мнозинство, македонските граѓани ја изразија својата волја и го дадоа својот глас со цел Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Со тој чин, народот ја превзеде врз себе одговорноста за иднината на Република Македонија, без повеќе да се потпира на други. Како што македонскиот народ е создавачот на Република Македонија, така и Република Македонија е чуварот на македонскиот идентитет.

Република Македонија не може да се изградува врз други темели освен оние поставени со референдумот за независност од 8 септември 1991 година. Нашата генерација е обврзана да го зачува заветот од предците и да им го предаде на потомците. Тоа е завет за градење на Република Македонија како модерна и демократска држава во која ќе владее правото, а не луѓето, во која секој ќе биде еднаков пред словото на законот. Република Македонија како европска држава во која ќе се достигнуваат европските вредности, стандарди и критериуми.

Одлуките донесени на тој прв и единствен референдум што ја дефинираше самостојноста и сувереноста на Република Македонија беа и остануваат да бидат обврзувачки за секој еден од нас.

Нека ни е за многу години Денот на независноста на Република Македонија.