„Работам за Трамп и јас сум дел од отпорот против него“ – колумната од висок функционер која ја потресе Белата куќа


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Престжниот и ценет New York Times презеде редок и несекојдневен чекор со објавувањето на авторски непотпишан политички коментар (колумна) од, како што велат, висок функционер во Белата куќа кој е дел од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, но и дел од бунтовниот администрациски отпор против Трамп.

„Јас работам за претседателот, но колегите-истомисленици и јас се заколнавме дека ќе попречиме делови од неговата агенда и неговите најлоши склоности.

Претседателот Трамп се соочува со тест за неговото претседателствување, со каков што не се соочил ниеден современ американски лидер, вели анонимен висок член на Трамповата администрација во колумна за Њујорк тајмс.

Не е само тоа што специјалниот советник растура со истрагата. Или тоа што земјата е горчливо поделена околу владеењето на г. Трамп. Дури ниту тоа дека неговата партија има големи шанси да го изгуби Домот од опозицијата, која е решена да го урне по секоја цена.

Дилемата, која тој не ја сфаќа целосно, е тоа дека многумина од високите функционери во неговата сопствена администрација вредно работат однатре за да попречат делови од неговата агенда и неговите најлоши склоности.

Јас го знам тоа. Јас сум еден од нив.

Да бидеме јасни, нашиот отпор не е популарниот „отпор“ на левицата. Ние сакаме администрацијата да успее и мислиме дека многу од нејзините политики веќе ја направија Америка побезбедна и попросперитетна.

Но ние веруваме дека нашата прва должност е кон оваа земја, а претседателот продолжува да дејствува на начин што е штетен за здравјето на нашата република.

Токму затоа многу луѓе назначени од Трамп ветивме дека ќе направиме сè што можеме за да ги зачуваме нашите демократски институции додека ги спречуваме погрешните импулси на г. Трамп сè додека не ја напушти функцијата.

Коренот на проблемот е неморалноста на претседателот. Секој што работи со него знае дека тој не се придржува до ниедно разумно начело во неговото донесување одлуки.

Иако беше избран како републиканец, претседателот покажува малку афинитет кон идеалите за кои долго време се залагаа конзервативците: слободни умови, слободни пазари и слободни луѓе. Во најдобар случај, тој се повикува на овие идеали кога му се напишани на хартија. Во најлош случај, тој директно ги напаѓа.

Освен неговиот мас-маркетинг за идејата дека медиумите му се „непријател на народот“, импулсите на претседателот Трамп се генерално антитрговски и антидемократски.

Не ме сфаќајте погрешно. Има светли точки што речиси постојано негативното известување за администрацијата не ги опфаќа: успешна дерегулација, историска даночна реформа, посилна војска и многу повеќе.

Но овие успеси дојдоа и покрај (а не поради) стилот на раководење на претседателот, кој е непромислен, контрадикторен, ситничарски и неефикасен.

Од Белата куќа до одделите и агенциите на извршната власт, високите функционери на само ќе ви признаат дека се во секојдневен шок од коментарите и постапките на врховниот командант. Повеќето од нив се трудат да ги изолираат своите операции од неговите каприци.

Состаноците со него излетуваат од темите и од колосекот, тој постојано се впушта во истите тиради, а неговата импулсивност резултира со недооформени, неинформирани и понекогаш непромислени одлуки што треба да се спречат.

„Буквално не може да се каже дали тој може да се премисли од минута во минута“, ми се пожали неодамна еден висок функционер, вознемирен од состанокот во Овалната канцеларија на кој претседателот го менувал мислењето за една голема политичка одлука што ја донел само една недела претходно.

Непредвидливото однесување ќе беше позагрижувачко ако не беа неопеаните херои во и околу Белата куќа. Некои од неговите помошници беа претставени како негативци од страна на медиумите. Но приватно, тие вложија огромни напори да спречат лошите одлуки да излезат од Западното крило, иако не се секогаш успешни.

Тоа може да е слаба утеха во оваа хаотична ера, но Американците треба да знаат дека во собата има и возрасни. Нам ни е сосема јасно што се случува. И ние се обидуваме да го направиме она што е правилно, дури и кога Доналд Трамп не го прави тоа.

Резултатот е двонасочно претседателство.

Земете ја надворешната политика: во јавноста и приватно, претседателот Трамп ги претпочита автократите и диктаторите, како што се претседателот на Русија Владимир Путин и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, и не покажува искрена благодарност за врските што нè поврзуваат со сојузничките, истомисленички нации.

Проникливите набљудувачи забележаа, сепак, дека остатокот од администрацијата работи на друга патека, онаа каде што земјите како Русија се повикуваат на одговорност за мешање и се казнуваат соодветно, и каде што сојузниците од целиот свет се сметаат за рамноправни и не се исмеваат како ривали.

На пример, за Русија, претседателот не сакаше да протера толку многу шпиони на Путин како казна за труењето на поранешниот руски шпион во Британија. Тој неколку недели се жалеше дека високи членови на персоналот го втурнуваат во понатамошни конфронтации со Русија и изрази фрустрација дека САД продолжија да ѝ наметнуваат санкции на земјата за нејзиното штетно однесување. Но на неговиот тим за национална безбедност сè му е јасно – требаше да се преземат такви активности, за да се повика Москва на одговорност.

Ова не е дело на таканаречената тајна држава. Тоа е дело на стабилната држава.

Со оглед на нестабилноста на која многумина беа сведоци, во почетокот во кабинетот се шепотеше за активирање на 25-тиот амандман, кој би почнал сложен процес за отстранување на претседателот. Но никој не сакаше да предизвика уставна криза. Значи, ние ќе сториме сè што е можно за да ја насочиме администрацијата во вистинската насока сè додека – на еден или на друг начин – ова не заврши.

Поголемата грижа не е она што г. Трамп му го направи на претседателствувањето, туку она што ние како нација му го дозволивме да ни го направи нам. Ние паднавме на ниски гранки со него и дозволивме нашиот дискурс да биде лишен од цивилизираност.

Сенаторот Џон Меккејн најубаво го кажа тоа во своето проштално писмо. Сите Американци треба да ги послушаат неговите зборови и да се ослободат од племенската замка, со возвишената цел да се обединат преку нашите заеднички вредности и љубов кон оваа голема нација.

Можеби веќе го немаме сенаторот Меккејн. Но секогаш ќе го имаме неговиот пример: ѕвезда-водилка за враќање на честа на јавниот живот и нашиот национален дијалог. Г. Трамп можеби се плаши од таквите чесни луѓе, но ние треба да ги почитуваме.

Во администрацијата постои мирен отпор од луѓето што сакаат да ја стават земјата на прв план. Но вистинската разлика ќе ја направат обичните граѓани така што ќе се издигнат над политиката, ќе најдат заеднички јазик и ќе се договорат да ги отфрлат етикетите во корист на една единствена: Американците“.

Извор: Мкд.мк