Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Кај дел од македонските провладини медиуми се појави ударна вест дека според документи на Викиликс, и поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски го прифатил името Република Северна Македонија уште во 2008 година, веројатно со цел да се омекне ставот кај поддржувачите на оваа партија за сегашниот референдум.
Сепак, за волја на вистината, документите на Викиликс покажуваат малку поголеми разлики од тоа што биле спремни да прифатат тогашниот премиер Груевски и претседател Црвенковски, со сегашниот договор со Грција.
Имено, според документите објавени на „Викиликс“, а кои што датираат од 29 јули 2008 година, раководството во Македонија, претставено со премиеорт Груевски и претседателот на државата, Бранко Црвенковски, биле согласни со името Република Северна Македонија, со варијанта одредницата „северна“ да стои во заграда. Во документот се наведува дека евентуалното ново име би било во употреба во сите меѓународни организации, плус билатерално од секоја земја која не сака да го користи уставното име. За внатрешна употреба, како и на пасошите и останатите документи, во употреба би останало уставното име.
Објавениот документ е извештај на тогашната амбасадорка на САД во Македонија Џулијан Миловановиќ.
„Црвенковски мисли дека Грција ќе се согласи за името Северна Македонија. Хил праша за македонскиот идентитет и јазик. Црвенковски рече дека евентуален излез е грчката позиција дека дискусијата е за името на државата, а националноста и јазикот не се дел од разговорите. Црвенковски како можно решение, кое ќе го потпише е билатерален договор со Грција само за името и обемот на употреба во билатерални односи. Мекадонија треба да го задржи македонскиот јазик и националност/идентитет, но ова може да биде со резулуција на Обиденетите нации (како додаток), а не нешто што Грција ќе треба да го потпише, со што ќе се спаси лицето на Грција и ќе се постигне договор за името и можниот опсег на употреба. Црвенковски вели дека Нимиц го разбира овој пристап“ стои во извештајот.
„Црвенковски мисли дека Република (Северна) Македонија, ќе може да функционира во опсег каде сега се користи ФИРОМ. Тој вели дека обемот го смета за најпроблематичен елемнт. Пред-букурешката понуда, Македонија да ги прифати препораките кои нациите сметаат дека треба да се користат (или препорачуваат да се користат) договорено име во билатералните односи, наместо уставно име, но последниот предлог на Нимиц да се бара билатерална меѓународна употреба е премногу. Исто така, премногу е било која формула која бара Македонија да се се вика поинаку од Република Македонија, на пример на пасошите или продуктите. Една работа е да се дискутира како другите ќе ја нарекуваат Македонија, и под кои услови, но сосема друга работа е да разговараат за услови за диктирање на Македонија да се вика поинаку од уставното име“, пишува Миловановиќ во извештајот.
Според документот, Груевски пред американската амбасада изјавил дека само 13% од Македонците би прифатиле име Република Северна Македонија. Сепак, рекол дека доколку името се користи само на местата каде се користи привремената референца, и доколку се добие потврда за идентитетот и јазикот, тој ќе се обиде да добие поддршка на референдумот.
Што е она што се разликува тогашниот став со сегашниот договор?
1. Менување на уставното име
Според сегашниот договор името Република Северна Македонија ќе биде за севкупна употреба. Ќе мора да се менуваат личните документи, возачки дозволи, парите, имињата на јавните институции и тн.
– За разлика од сегашниот договор и Груевски и Црвенковски имале цврст став дека уставното име не доаѓа предвид да биде променето.
2. Обврска да испратиме писмо до сите земји што не признале да го променат тоа
Според сегашниот договор, доколку поминат уставните измени, премиерот на Северна Македонија ќе мора да испрати писмо до сите земји што не признале под уставното име, дека сега имаме ново име и ќе ги замоли да го користат новото. Со оваа обврска паѓа во вода, сите досегашни заложби, фрлени еден куп пари за лобирање да не признаат под уставното име. Да потсетиме, 4 од 5 земји од Советот за безбедност и скоро 140 од вкупно 193 земји не признаваат како Република Македонија.
– Груевски и Црвенковски прифатиле меѓународното име Република (Северна) Македонија да биде користено само како замена за ФИРОМ во меѓународните институции, а билатерално секоја земја да не нарекува или под уставното или под меѓународното име.
3. Забрана за користење на терминот „македонски“ за јавните институции
Според сегашниот договор сите јавни институции ќе мора да го променат своето име, секаде каде што стои придавката „македонски“. Наместо Македонска Радио Телевизија, ќе мора да биде Радио Телевизија на Северна Македонија. Во иднина ќе може да има Албански театар во Северна Македонија, но не и Македонски Национален Театар. Овој член во договорот директно задира во македонскиот идентитет, кој ќе биде разнишан во иднина.
– Според извештаите на американските посредници, овој член во договорот воопшто не бил ставен на маса.
4. Обврска за промена на историјата и признавање на грчкиот карактер на древните Македонци
Според сегашниот договор, Македонија се обврзува да ја промени историјата и ја признава грчката верзија на историјата, според која денешните Македонци се вештачка творба која го украла грчкото име Македонија. Според Грција, Александар и Филип биле Грци, па на сите споменици ќе мора да се стави такво објаснување. Според досегашната македонска историографија и во времето на СФРЈ, а и претходно, денешните Македонци настанале како мешавина од древните Македонци кои биле староседелци на овие простори со побројните Словени кои се населиле.
– Оваа обврска воопшто не била предвид при преговорите меѓу Груевски и Црвенковски со тогашниот премиер Караманлис.
5. Забрана за користење на македонскиот симбол – сонце со 16 краци
Според сегашниот договор, Македонија се обврзува да го избрише од секаква јавна употреба поранешното знаме со 16-крако сонце што го има на голем број плоштади, цркви, споменици и тн.
– Оваа обврска воопшто не била предвид при преговорите меѓу Груевски и Црвенковски со тогашниот премиер Караманлис.
6. Директна контрола врз слободниот говор и печатот
Член 6 од сегашниот договор е веројатно најтоталитарниот член кој се граничи со фашизам. Имено, Грција ќе може директно да врши притисок врз идните власти од Република Северна Македонија доколку некој шири според нив „дејствија на пропаганда од страна на приватни ентитети, дејствија коишто многу веројатно ќе поттикнат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата Страна“. Е, сега ако знаеме дека според Грците и прославата на Илинден може да биде ширење на непријателстви и ирендентизам, прашање е како ќе изгледа северномакедонската држава во иднина.
– Оваа обврска воопшто не била предвид при преговорите меѓу Груевски и Црвенковски со тогашниот премиер Караманлис.
7. Промена на регистарските таблички и менување на трговските марки
Според сегашниот договор ќе се менува дури и кодот на регистарските таблички од сегашниот МК во НМК или НМ. Македонија презема обврска дури и да разговара за трговските марки, односно во иднина македонските вина нема да смеат да се продаваат како „македонски“, туку веројатно како „вина од Северна Македонија“. Терминот „македонски“, најверојатно ќе можат да го користат грчките вина.
– Оваа обврска воопшто не била предвид при преговорите меѓу Груевски и Црвенковски со тогашниот премиер Караманлис.
8. Менување на преамбулата на уставот
Според сегашниот договор ќе мора да се промени дури и преамбулата на уставот каде што се потенцира историскиот развој на македонскиот народ да добие своја држава преку Илинден и АСНОМ. Најверојатно тоа ќе се брише, а како ќе изгледа преамбулата сегашните власти не кажуваат.
– Оваа обврска воопшто не била предвид при преговорите меѓу Груевски и Црвенковски со тогашниот премиер Караманлис.
9. Забрана за Северна Македонија да се грижи за Македонците од егејскиот дел
Според договорот, идната Северна Македонија воопшто нема да смее да дава поддршка, или да се грижи за сите граѓани на Грција кои не се граѓани и на Северна Македонија, односно на егејските Македонци. Со оваа обврска тие ќе бидат оставени на милост и немилост на грчките власти и ќе продолжи нивната асимилација.
– Груевски сакал да го отвори прашањето за признавање на македонското малцинство во Грција и можност да се вратат сите Македонци кои сега имаат забрана да се вратат во Грција и да ги добијат одземените имоти.
ИЗВЕШТАЈОТ НА ВИКИЛИКС МОЖЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ОВДЕ
СЕГАШНИОТ ДОГОВОР ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ОВДЕ