Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Бившата прва полицајка Гордана Јанкулоска официјално, со барање преку нејзините адвокати, побара изземање на судијката Добрила Кацарска од случајот на СЈО со работно име „Тенк“.
Причина за барањето на Кацарска е мислење донесено на 27 август од Комисијата за заштита од дискриминација со кое се заклучува дека судот отстапил од вообичаената пракса на закажување на рочиштата и дека постои дискриминаторско однесување и постапување што доведува до вознемирување и повреда на достоиснтвото на Јанкулоска како и дека тоа претставува заканувачка, понижувачка и застрашувачка практика.
Во мислењето на комисијата, составена од 7 члена, која го разгледувала предметот за случајот „Тенк“ стои дека е утврдено вознемирување од страна на Кацарска до Јанкулоска и дека судијката ја депривилегирала и ја изложила Јанкулоска на деградирачки однос во областа на пол и политичка припадност од член 3 од законот. А од областа на социјалната сигурност и здравствената заштита, како и правосудството и управа од член 4 од истиот закон дошло до вознемирување со повреда на достоинството на Јанкулоска и се создала понижувачка состојба.
Ова мислење, според адвокатите, било доставено до судот кој не одговорил ниту дал образложение дали ќе ја отстрани таа дискриминација како што налагала седумчлената Комисија за заштита од дискриминација.
Адвокатите на обвинетата Јанкулоска барањето за изземање на Кацарска го поткрепуваат и со фактот дека во пресудата која претходно беше донесена за овој предмет од истата судијка, а со која на затворски казни се осудени Никола Груевски и Ѓоко Поповски, Кацарска веќе ја осудила Јанкулоска. Според адвокатите, во пресудата стои дека Јанкулоска го поттикнала Поповски, кој е огласен за виновен, да стори кривично дело, а со тоа, велат адвокатите, на Јанкулоска ѝ е повредено правото на презумпција на невиност.
Извор: Мкд.мк