Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Порано корисниците на социјалните мрежи пренесуваа информации од главните медиуми и дискутираа за нив. Сега главните медиуми пренесуваат содржини од социјалните мрежи и дискутираат за нив.
Што се случи во меѓувреме?
Собирањето информации е напорна и макотрпна работа. Потребно е време, труд, практични знаења и искуство да се најдат вистинските информации. Откако ќе се соберат информациите неопходно е тие да се проверат, филтрираат и срочат во квалитетна содржина. Македонија и Балканот историски имаат проблеми со напорната работа, па водени од итар пејо – филофозијата „снајди се па живеј“, новинарите често посегнуват по разни итроштини во својата работа. Една од популарните техники во оваа смисла е некритичко пренесување содржини од социјалните мрежи во медиумите.
Социјалните мрежи (СМ) се сложена комуникациска сфера каде се преклопуват приватното и јавното, фактите и дезинформациите, личното и општото. Поради овие причини потребно е да се внимава кога информациите од СМ се пренесуваат во медиумите.
Во медиумите од СМ се пренесуваат содржини кои се лични ставови, реакции или јавни обраќања на јавни личности или организации. Свесни за популарноста на СМ, институциите и компаниите често првите информации и реакции ги објавуваат на своите страници на СМ. Сепак, покрај овој тип на содржини, кои сè повеќе се практикуваат во светот, значителен дел од содржините кои се пренесуваат во медиумите навлегуваат во сензационалистички и манипулативни води. Провокативни написи, навредливи реакции, скандалозни содржини, често извадени од контекст, а неретко и самите корисници објавуваат содржини со цел новинарите да се залепат за нив и брзо да ја прошират содржината која ја објавиле.
За да се одбегнат манипулации од двете страни, стручњаците за заштита од дезинформации на firstdraftnews.com утврдиле 3 клучни чекори за одговорно користење на СМ како извор на информации:
1. МОНИТОРИНГ
Социјалните мрежи често се првото место каде се појавуваат одредени информации и затоа следењето на СМ од медиумите треба да биде планско и организирано. Во мониторингот на СМ треба да учествуваат лица кои имаат искуство со СМ и познавање на локалната општествена, политичка и медиумска сцена. Исто, превентивно мора да им се добро познати техниките за манипулирање и привлекување внимание, ширење пропаганда,дезинформации и лажни вести. Креирање и користење уреднички препораки и редакциски водичи се добар начин да се пренесуваат искуства и да се спречат грешки.
2. ПРОВЕРКА
Откако ќе се селектира одредена информација која потенцијално може да биде објавена или преземена како извор на информација, таа мора да се провери. Брз систем на комуникација помеѓу новинарот и уредникот е клучно за да се направи првична проверка на информациите. Во Македонија, каде новинарот е често уредник и цела редакција, потребно е тој или таа да направи проверка со други извори, како и базична проверка на содржината и контекстот на информациите. Кој е објавувачот, кој е контекстот на објавата, дали има дополнителни потврди за информациите, дали објавената содржина е оригинална или пренесена, дали фотографиите/видеата се оригинални и автентични, дали објавувачот е од доверба или има историјат на злоупотреби и слично.
3. ВЕРИФИКАЦИЈА
Непроверените информации треба да се одбегнуваат, но ако е од јавен интерес да бидат објавени без целосна потврда, тие мора јасно да се назначат како „првични, непроверени и наводни“ со јасно наведен извор, име и назив на објавувачот.
Објавите на СМ се често во прво лице, од позиција на сведок или учесник, а неретко можат да бидат проследени и со фотографии и со видеа. Личните објави и наводи треба да се потврдат и надополнат со други извори. Теми кои се од општ интерес или се важно јавно прашање, треба да се прошират со информации од релевантни лица, сведоци, институции или организации.
Иако јавноста најмногу им верува токму на визуелните информации, тие многу лесно можат да се искористат за манипулација. Новинарот треба да ја провери нивната автентичност и авторство, со цел да го заштити корисникот кој некритички може да ги прифати информациите здраво за готово.
Во однос на точките 2 и 3, како практични чекори во проверувањето, верификацијата и објавувањето на содржини од СМ, се препорачуваат овие 6 чекори:
Потекло – Дали е содржината оригинална?
Сервиси за користење: tineye.com, GoogleImages, Twitter Advanced Search, Facebook Graph Search, Panoramio.com
Извор – Кој ја објавил содржината?
Преиспитување на контекстот на објавата и кој е објавувачот, кои се мотивите и претходната историја на неговите/нејзините објави.
Датум – Кога е објавена содржината?
Ако се работи за фото/видео содржина може да се користат fotoforensics.com и wolframalpha.com.
Место – Каде е креирана содржината?
Сервиси за проверка: Google maps, Panoramio.com, wikimapia.org. Најчесто клучно е искуството, па консултирање со локалци или стручни лица е најдобар начин за проверка.
Контакт – Контактирање на објавувачот
Дозвола – Дали има пречки да се објави содржината?
Корисни методи и пракси се детално наведени во „Verification Handbook for Investigative Reporting“, и воводичот на firstdraftnews, секако со назнака дека секоја средина има свои специфични услови и проблеми.
Пишува: Сеад Џигал за Комуникации.нет