Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Загрозениот сведок Е1 во текот на денешното сведочење во Кривичниот суд посочи дека ги видел телата на убиените момчиња кај Смилковското Езеро. Одговарајќи на прашања на адвокатот Асмир Алиспајиќ, загрозениот сведок додаде и дека во неговото сеќавање, освен телата на четирите убиени момчиња, друго тело на местото немало. Во врска со времето кога се случило убиството сведокот Е1 посочи дека таа ноќ бил на местото, видел лица, но не знае во колку часот се случило убиството, пишува МКД.мк.
Пред судот загрозениот сведок раскажа дека едно од лицата кои биле на местото му побарало запалка и тој му ја дал запалката од неговиот автомобил. На местото на петкратното убиство, освен автомобилот „голф“ кој го посочи на минатото рочиште имало уште два автомобили на чија марка загрозениот сведок не можеше да се сети, но појасни дека биле во сина и бела или сива боја. Адвокатот Алиспајиќ пред прашањата за настанот на денешното рочиште до детали го прашуваше загрозениот сведок за облеката и бојата која на минатото рочиште ја носеле тој, неговите колеги адвокати и обвинетите. По овие прашања доби опомена од судијата Огнен Ставрев да заврши со деталите од облеката и да се концентрира за настанот за кој трае оваа постапка.
Откако одговараше на прашања на Специјалното јавно обвинителство пред два дена, загрозениот сведок Е1 кого присутните во судница го следат на видео бим, со заматен лик и мутиран глас, денес треба да одговори на прашања на адвокатите, обвинетите, како и родителите на убиените момчиња и рибарот.
Судењето за случајот „Монструм“ е во тек.
Извор: МКД.мк