Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Трите најголеми банки во Македонија – „Стопанска банка Скопје“, „Комерцијална банка“ и НЛБ Банка – остварија вкупен профит од 71,3 милиони евра за половина година, покажуваат официјалните податоци од нивните биланси. Според овие бројки и статистички податоци, на дневно ниво нивниот заеднички просечен профит изнесува скоро 400.000 евра, пренесува Фактор.мк.
Во споредба со ланската година, трите банки бележат зголемување на профитите, а особено тоа е изразено кај „Комерцијална банка“. Најголема добивка за шест месеци има „Стопанска банка Скопје“ и таа изнесува 31 милиони евра и тоа е рекордна највисока добивка за половина година. На второто место за нијанса пред НЛБ Банка е „Комерцијална банка“ чија добивка е 21,3 милиони евра. Словенечката аквизиција „НЛБ Банка“ има добивка од 19 милиони евра за шест месеци.
Генерално, трите банки во првата половина од годинава работат одлично. Особено кај „Комерцијална банка“ и делумно кај „Стопанска банка Скопје“ позитивно се одрази решавањето на отвореното прашање со работењето на топилницата за феро-никел „ФЕНИ Индустри“ од Кавадарци затоа што новите сопственици ги откупија побарувањата и тоа значајно го релаксира работењето на „Комерцијална банка“ во делот на корпоративни големи клиенти, а преку ослободување на резервациите се одрази и кај профитот.
Најголемо кредитно портфолио има „Стопанска банка Скопје“ и тоа на крај на јуни изнесува речиси една милијарда евра. НЛБ Банка има кредитни пласмани од 797 милиони евра, а „Комерцијална банка“ има 718,7 милиони евра.