Алармантна состојба: Вработените во Државната комисија за одлучување во втор степен 5 месеци без земено плата


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


„Со разрешувањето на Претседателот и членовите од претходниот состав на Државната комисија на ден 19.03.2018 година од страна на Собранието на РМ и неименувањето на нов состав на комисијата, вработените во стручната служба на комисијата веќе ПЕТ МЕСЕЦИ немаат земено плата и целокупната работа и функционирање на Државната комисија е во комплетен застој, со што се засегнати и граѓаните на Република Македонија чии постапки се водат по жалба пред оваа институција.

За разрешување на овој проблем во ТРИ НАВРАТИ се обративме до Собранието на Република Македонија! Се обративме и до Владата на Република Македонија!

По овие барања добивме одговор од Собранието со кое ни беше кажано да чекаме избор на нови членови на собраниска седница. Таа собраниска седница и тој избор на нови членови и раководство го чекаме веќе 6 месеци.

Сигурни сме дека доколку стануваше збор за приватна компанија досега државата ќе најдеше начин како да ги
заштити уставно загарантираните права на работниците, а таа компанија ќе беше веќе во стечајна постапка и ќе имаше
изречено прекршочни казни и за правното лице и за одговорното лице во правното лице.

Државната комисија има стручна служба од 24 административни службеници и 4 работници распоредени во 3 сектори или вкупно 28 работници. Поголем дел од вработените секојдневно патуваат од Гостивар, Кочани, Тетово,
Куманово, Илинден и ние веќе не сме во можност да го финансираме својот превоз до Скопје и назад.

Сите вработени имаат кредитни обврски спрема банките и застој во исплата на платата веќе пет месеци, а можеби тоа ќе трае и повеќе месеци доколку Собранието не превземе мерки за избор на ново раководство!

Ова ДРАСТИЧНО се одразува врз нашата економска состојба, од причина што со неисплатената плата има и неисплатена рата/рати за кои банките дополнително пресметуваат затезна камата. Исто така и здравственото осигурување за сите вработени во Државната комисија истече на 30.04.2018 година и со тоа од 01.05.2018 година не може да се оствари правото на лекување и земање на лекови од аптеките на сметка на Фондот за здравствено осигурување, што предизвикува дополнителен трошок и проблем за сите вработени.

Или поедноставно кажано, НЕМАМЕ ПАРИ НИ ДА СИ ГИ ПЛАТИМЕ ДОМАШНИТЕ СМЕТКИ!

Во составот на стручната служба на Државната комисија имаме неколку бремени жени, кои треба да се породат во
септември/октомври, а немаат здравствено осигурување. Исто така, има и болни лица, чија состојба секојдневно
се влошува од причина што немаат пари да ги набават на приватно своите лекови.

Состојбата во Државната комисија е алармантна. Немаме хартија за работење, принтерите и фотокопирите се
запечатени, немаме вода за пиење, средства за чистење, дел од климите се расипани и не функционираат, тоалетите
се расипани. Во прилог испраќаме неколку фотографии како доказ. Исто така, во прилог доставуваме Решение за прекин на испорака на електрична енергија. Државната комисија нема платено струја 6 месеци! Прашање на
време е кога ЕВН ќе ја исклучи и струјата во институцијава! Државната комисија нема платено сметки за интернет, сметки за одржување на хигиената 6 месеци. Телефоните се исклучени исто така поради неплатени сметки!

Едноставно, ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА НЕ ФУНКЦИОНИРА!

Според нашите досегашни сознанија, во државава постојат и други државни институции кои се соочуваат со ист или
сличен проблем како нашиот, меѓутоа за истите има изнајдено начини и механизми (потписници и слично од претходното раководство, кои во нашиот случај не знаеме зошто не беа именувани) за исплата на плати, придонеси од плати и останати тековни трошоци.

Со почит,

Од сите вработни во Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и
прекршочната постапка“.