Во Македонија забележани два сомнителни случаи на западнонилска треска


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Два сомнителни случаи на западнонилска треска се забележани и во Македонија.

После хоспитализацијата на едно дете и една повозрасна, клинички случаи кои се сомничат за оваа појава, во лабораторијата на Институтот за јавно здравје проверуваат дали „западнонилскиот вирус“, кој го пренесуваат комарци е причина за нивната состојба, или, пак станува збор за друга инфективна болест. Од ИЈЗ ќе им направат и епидемиолошка анкета дали биле каснати од комарец или патувале во земја каде има заболени од западнонилска треска.

Епидемиолозите предупредуваат дека сега е сезона на вектор преносливите болести и во соседна Србија веќе има 70тина заболени и 5 починати од западнонилка треска. Поголем број на инфицирани биле регистрирани и во Грција. Македонските здравствени власти велат дека изминатите два месеци будно ја следат состојбата со заболувањата што ги пренесуваат комарците. Меѓутоа не постојат симптоми кои се карактеристични за „западнонилскиот вирус“, туку според лекарите, тие се исти како и кај грипот.

„Температура, болки во грло, во зглобови и кај голем број може да помине и незабележано оваа болест. Но само кај еден процент можат да се јават потешки компликации на мозокот како менингитис, енцефалит и тоа е тоа што ги плаши сите, овој мал процент и затоа се следи состојбата“, вели епидемологот Гордана Кузмановска

Поставување на заштитни мрежи на врати и прозорци и употреба на средства за заштита од убоди на комарци се само дел од мерките што граѓаните можат да ги преземат за да се заштитат од овие инсекти.

Покрај„западнонилскиот вирус“, комарците пренесуваат и маларија и жолта треска.