Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Државната изборна комисија денеска на првата конститутивна седница во новиот состав го усвои правилникот за подготовка, организирање и спроведување на претстојниот референдум закажан за 30 септември.
Со оглед дека референдумот треба да се одржи за 60 дена сите рокови ќе бидат скратени за пет дена, освен јавната пропаганда.
Доколку на референдумот се случат неправилности на некои места кои може да влијаат на исходот од референдумот или на вкупната излезеност, односно цензусот, гласањето ќе се поништи само на тие избирачки места и гласањето ќе се повтори за 14 дена, односно на 14 октомври, а потоа резултатите од повтореното гласање ќе станат дел од резултатот од изборите.
Тоа го предвидува Правилникот за подготовка, организирање и спроведување на референдумот на државно ниво на 30 септември 2018 година, кој беше усвоен на денешната, прва седница на новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК).
Пред едногласно да биде прифатен предложениот правилник, генералниот секретар на ДИК Добре Јанчев образложи дека јавната пропаганда е почната од денот на распишувањето на референдумот, а ќе мора да заврши 48 часа пред почетокот на гласањето, односно на 28 септември, петок во 7 часот. Ќе се гласа на 30 септември од 7 до 19 часот и ќе бидат отворени сите гласачки места во земјава, освен оние каде што има помалку од 10 регистрирани гласачи.
Како што објаснија Јанчев и членот на ДИК предложен од СДСМ, Јанаќе Витановски, нормалните рокови за дејствијата поврзани со референдумот ќе се скратат за пет дена, поради краткиот рок во кој мора да се организира референдумот.
Витановски рече и дека со Правилникот ДИК прави обид да се надминат неусогласеностите на Законот за референдум и Изборниот законик, па одредбите во него се осмислени да овозможат успешно спроведување на референдумот.
Увидот во избирачкиот список ќе може да се врши преку веб-страницата на ДИК за избирачкиот список и во Општинските изборни комисии (ОИК) oд 9 до 23 август, а како што образложи членот на ДИК предложен од Беса, Енвер Салихи, гласачите ќе може да ги ажурираат податоците и преку веб-страницата, а не само во ОИК.
Избирачките одбори (ИО) на гласачките места овојпат, за разлика од изборите ќе бројат само три члена, односно нема да има членови на ИО од партиите, туку само од јавната и државната администрација, а како предлагач, Собранието ќе делегира свои претставници во ДИК, ОИК и на избирачките места. Партиите не ќе може да делегираат свои набљудувачи, оти станува збор за референдум, а не за избори, појасни Деркоски.
Како една од петте точки што беа едногласно усвоени, членовите на новиот состав си доделија себеси и на службите на ДИК трошоци за репрезентација, односно за кафе и сокови, за од 50 отсто. Дневниците остануваат во ист износ, објасни Деркоски. Тој рече дека ДИК покажува дека сака рационално да ги троши парите, за што доказ е денешната едногласна одлука.