Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
И покрај речиси целосно „замрзнатиот“ извоз кон Косово поради мерката со зголемени царини за увоз која оваа држава ја воведе, македонските земјоделски производи не поевтинуваат, иако голема количина овошје и зеленчук остана без пласман и скапува.
Од друга страна, земјоделците трпат сериозна штета и се жалат дека во екот на сезоната е многу тешко да се најдат други пазари. Од Царинската управа информираат дека денеска границата ја минале само 4 камиони товарени со овошје и зеленчук, а во саботата 3. Пред воведувањето на времената мерка дневно за Косово од земјава заминуваа по 20-тина камиони.
Иако земјите од регионот официјално реагираа до ЦЕФТА, СТО и Косовската влада, Приштина ја укина зголемената царина само за дел од производите. Во таа насока, официјална реакција до Косово испрати и ЕК.
„Жалиме што заштитните мерки остануваат на сила за другите земји, вклучително регионалните партнери од ЦЕФТА. Ова е загрижувачки и штетно за регионалната економска соработка. Затоа ЕК итно го повикува Косово да се однесува конструктивно за да ја реши ситуацијата без одлагање,особено со оглед на тоа дека Косово моментално претседава со ЦЕФТА”, се наведува во реакцијата на ЕК.
Во петокот, министерот за економија Крешник Бектеши се сретна со својот косовски колега Бајрам Хасани, со цел изнаоѓање решение од заеднички интерес. Како што информираа, се очекува на утрешната владина седница косовските власти повторно да се произнесат во врска со одлуката за времена заштитна мерка.