Што ќе ми е да го знам македонскиот јазик, кога нема да живеам тука!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во 20 години колку што предавам, се менуваа програми и учебници, а не беше организирана ниту една обука или трибина за наставниците што го предаваат македонскиот јазик. Наспроти тоа, колегите што предаваат англиски јазик имаат редовни средби и обуки – посочува професорката Жаклина Свеќаровска од средно школо во Кочани.

Дваесет години сум професор по македонски јазик и литература во средно училиште. И секојпат кога имам ученици од прва година, им давам задача да пишуваат диктат. Целта на задачата е проверка колку го владеат правописот. Секоја генерација е полоша од претходната, но никојпат не сум добила толку слаби резултати како сега. Пуздер направиле. На прекорот упатен од моја страна еден од учениците лаконски изјави дека и без тоа нема да живее и да работи во Македонија. Доби позитивна реакција од речиси целиот клас – споделува Жаклина Свеќаровска, професорка по македонски јазик во средното училиште „Ѓошо Викентиев“ од Кочани.

Мајчиниот јазик е скапоцен порцелански сад

Со професорката, која објавува и своја поезија, поразговаравме за поразителното познавање на мајчиниот македонски јазик на новите генерации и за тоа колку општеството вистински обрнува внимание на јазикот.

– Да замислиме дека мајчиниот јазик е скапоцен порцелански сад во нечиј дом. Родителите-сопственици на тој сад би ги научиле децата да не фрлаат ѓубре во него, да внимаваат да не го скршат, да го негуваат и одржуваат, би им ја објасниле вредноста на тој сад, кога и како е создаден, што симболизираат орнаментите со кои е украсен… Би им објасниле дека е скапоцен, па и децата ќе го доживеат како скапоценост – вели Свеќаровска.

Сѐ почесто децата не можат да го „пронајдат“ македонскиот збор за нешто што сакаат да го кажат, па се свртуваат кон англискиот.
– На што се должи тоа? На постојаната изложеност на содржини на англиски јазик – цртани, играни филмови, музика, видеоигри, а малку или никакви соодветни содржини од тој вид на македонски јазик. За децата да си го сакаат својот јазик, прво треба да го почитуваат. Почитта кон мајчиниот јазик се учи во општеството, во заедницата, пред сѐ, преку начинот на кој заедницата се однесува кон јазичните содржини, кон јазичното културно наследство и кон авторите – вели таа.

Ако ние, возрасните, се однесуваме кон јазикот со должно внимание и љубов, тоа ќе го научат и децата. Овој предмет, тврди професорката, треба да има најдобар третман во училиштата.

– Што ќе засадиме, ако не подготвиме расад? Училиштата се расадници на иднината. Тие се важен дел во градењето на личноста на децата, токму поради тоа треба да добијат соодветно внимание од заедницата. Притоа постојано треба да се има предвид дека светот го осознаваме, го растајнуваме, го отклучуваме преку зборовите на мајчиниот јазик, затоа овој наставен предмет треба да има не само прво место во дневникот за работа, туку и соодветен третман – загрижена е професорката.

Ни една обука за наставници во 20 години

Таа објаснува дека во 20 години колку што предава, не била организирана ниту една обука за наставниците.
– Се менуваа програми и учебници, но во текот на толкав период не е организирана ниту една обука, консултативна средба или трибина за наставниците што го предаваат овој предмет, иако е еден од носечките предмети и во основното и во средното образование. Наспроти тоа, колегите што предаваат англиски јазик имаат редовни средби и обуки – посочува Свеќаровска.


Училиштата се расадници на иднината, вели Свеќаровска

Проблемот не е во англискиот јазик, ниту пак во кој било странски јазик што децата го учат. Познавањето странски јазици е многу важно, а за жителите на толку мало говорно подрачје какво што е нашето, дури е и неопходно.

– Проблемот е во негрижата кон сопствениот, а не во усвојувањето на туѓите јазици. Треба многу поинтензивно и попосветено да го негуваме мајчиниот јазик. На пример, ако децата (практика што не ја одобрувам) се цел ден пред телевизор – да се оневозможи пласирање на содржини наменети за најмладите кои не се синхронизирани на македонски јазик. Мислите за светот каков што го доживуваме, го гледаме или каков што го замислуваме ги соопштуваме низ зборови. Сиромашниот речник е одраз на сиромашен, тесен свет. Затоа е особено важно да се негува култура на читање, а, за жал, младите сѐ помалку читаат. На тоа поле треба да се работи – категорична е професорката.

Извор: Факултети.мк