Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Денес Скопје и Македонија одбележуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес кој во раните утрински часови, поточно во 5 часот и 17 минути, на 26 јули. 1963 година, го погоди нашиот главен град.
Во земјотресот загинаа 1070 жртви, над 4.000 луѓе биле повредени, а разурнуваќкиот земјотрес бил со јачина од 6,1 степен според рихтеровата скала.
Во пресрет на утрешниот ден објавуваме неколку потресни стории и сведоштва на скопјани:
Храбриот војник
Очевидецот-војник, кој ги вадеше мртвите и ранетите од разурнатиот хотел „Македонија” во центарот на градот, раскажува како еден ден пред катастрофата пристигнала мајка му во посета.
Вечерта побаравме соба за ноќевање на мајка ми во хотелот „Македонија”, но се беше полно. Потоа го молевме портирот од хотелот „Скопје”, но и таму залудно. Одвај ја сместив во хотелот „Турист”, а јас заминав во касарна. Утрото веднаш по земјотресот нашата единица се симна во градот. Јас бев во екипата за спасување кај хотелот „Македонија”. Извлекував ранети, а и повеќе мртви од урнатините. Бев како во треска. Ги носам мртвите надвор, а мислам на мојата мајка. По некое време дознавам дека и хотелот „Скопје” е разурнат. Ме опфати тага. Почнав да плачам, но се уште влегувам во урнатините. Си замислувам како други војници ја откопуваат мојата мајка. Дури подоцна разбрав дека „Турист” не се урнал. Тогаш во солзи, но со поголем елан се нафрлив врз паднатите ѕидови на хотелот. Плачев и работев, раскажува овој херој.
Сведоштво на граѓаните
Во една зграда таа ноќ само еден прозорец бил осветлен. До тоа кобно утро еден инженер се уште работел на своите трудови кога се почнало да се урива. Сите негови, целата фамилија спиеле. Тој ја зел ќерката од креветот и заедно со душекот и со постелата ја завиткал и ја фрлил од четвртиот кат. Девојчето паднало на еден полковник, кој не можел да ја задржи и таа се лизнала на асфалтот. Паднала, но падот бил ублажен. Девојчето било повредено, но останало живо. Инженерот, жена му и синот загинаа. Зградата се урна по вториот потрес, раскажува еден сведок.
Се случувале чуда
Тринаесет годишната ученичка Соња потресот ја кренал од сон. Скокнала да види што станува. Но, прозорецот бил затрупан, горните катови веќе биле урнати. Уплашена, побегнала во аголот и легнала на подот, меѓу шифоњерот и каучот, кој потоа при вториот потрес го задржал таванот од горниот кат. Се нашла во тесен простор. Плочата, т.е. таванот над неа бил едвај на 20 сантиметри. Почнала да вика, но урнатините го заробиле нејзиниот глас. Не била повредена и тоа и помогнало да издржи, но не можела да се помрдне. Поминувале часови. Извесен период била будна, потоа заспала. Kога се разбудила, осетила дека е жедна. Грлото и горело, јазикот и бил сув, а устата полна со прав. Во таква положба немала ориентација за време. Поминале петокот, саботата, неделата и дури во понеделникот чула како се копа над неа. Бетонската плоча почнала да се спушта, се се кршело околу неа. Ја фатил страв и почнала со последните сили да вика. Спасителите се изненадиле – се израдувале. Тој ден ваделе само мртви, мртви и пак мртви. Потоа првин направиле отвор од каде што и дале вода. Kога ја извлекле од урнатините, ја прашале дали знае колку време била затрупана. Одговорила: „Мислам неколку часа”. Но, не било така, таму била три дена, три ноќи и пет часа.”
Во зграда на улицата Орце Николов, која речиси била срамнета со земја, цели 30 часа спасувачите ваделе само мртви. Извадиле 56 тела и никој не се надевал дека некоја душа уште може уште да живее во тој крш.
Меѓутоа, за големо изненадување и по 30 часа излегоа живи три деца. Браќа. Најстариот 20 години. За него весниците и порано пишувале. Во 1962 година за поплавата тој помагал при спасување на повеќе од 20 граѓани. Веднаш по затрупувањето, татко му од другата соба му јавил за смртта на мајка му. Двајцата негови помали браќа биле во неговата соба. Почнал да копа, да се пробива педа по педа, неговите браќа лазеле по него. Отпрвин копал со раце, потоа нашол некое железо. По 30 часа непрестанато копање, здогледал светлина. Почнал да вика и од надвор луѓето го слушнале. Застанал на нозе како ништо да не се случило.По него излегле и неговите двајца браќа. Родителите им ги откопале мртви.
Земјата се тресела 20 секунди
На 26 јули 1963 година во 5.17 часот Скопје бил погоден од разорен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, кој траел 20 секунди. По неколку минути се случил и вториот силен потрес. Според очевидците, токму овој втор потрес е виновен за големиот број жртви. Многу луѓе останале заробени во објектите по првиот удар, а по вториот се доурнале веќе разнишаните згради. Земјата се тресела уште долго.
Се смета дека неговиот епицентар бил околу Злокуќани. Се случил на длабочина помеѓу пет и седум километри и токму поради тоа што бил многу плиток, бил и многу разорен, со штети и жртви. Земјотресот се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар.
Во стравотниот потрес животот го загубија 1.070 луѓе, а над 4.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 стана, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без дом.
Според информациите на 26 јули во Скопје се случиле 67 земјотреси, од кои многу биле со магнитуда над 5. На 27 јули имало 22 потреси, на 28 јули – 25 , исто толку и на 29 јули. На 30 јули почвата под Скопје се затресла 18 пати, наредниот ден 13 пати, а на 1 август имало 28 земјотреси. До 26 август, за еден месец, во македонската метропола се случиле 322 земјотреса.