Политичките лидер утрово на трета лидерска средба за референдумот и ДИК


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со почеток во девет часот утрово, во Клубот на пратениците, ќе се одржи третата лидерска средба. На истата во очекување е политичките лидери да постигнат конечен договор за составот на Државната изборна комисија и за датумот и прашањето на референдумот за промена на името.

Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса, Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Биљал Касами денеска повторно ќе седнат на иста маса.

ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку пати соопшти дека прво треба да се усвои новиот закон за финансирање на партиите и измените во Законот за Влада, за даможе да се продолжи понатаму со изборот на ДИК. Се споменува и амнестијата за обвинетите во настаните на 27 април минатата година о формирање на техничка влада 100 дена пред секои избори.

За Зоран Заев нема дилеми дека иднината на државата зависи од успешен референдум со цел членство во ЕУ и НАТО. Тој веќе изјави дека амнестија нема да прифати под каков било услов. Се споменуваат и предвремените избори како едно од можните решенија за постигнување договор помеѓу лидерите. Според изјавите, Заев нема ништо против тоа, но не и коалицискиот партнер ДУИ. Ахмети смета дека предвремените избори не се најдоброто решение во моментов и дека треба да се искористи оваа историска шанса за Македонија со прифаќање на договорот за промена на името со Грција и членството во ЕУ и НАТО.

Заев по првите разговори во средата вечерта го соопшти можното прашање на референдумот – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.

Заев тогаш извести и дека претстојниот референдум потребно е да биде консултативен. Во однос на карактерот на референдумот појасни дека е разговарано и за членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е изјаснувањето на граѓаните да биде консултативно.

Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.

Одлуката за распишување на референдумот ја носи Собранието и откако ќе ја донесе тој мора да се одржи не порано од 60 дена, ниту подоцна од 90 дена од распишувањето.

Мицкоски по втората лидерска средба изјави дека заложбите на ВМРО-ДПМНЕ се вистинските европски вредности и принципи, а не само декларативно. „Доколку навистина се стремиме кон европските вредности и принципи така треба и да се однесуваме и истите заложби да ги применуваме во дело. Тоа подразбира почитување на законите и на Уставот и да превенираме каков било обид да се изигра волјата на граѓаните, односно да се поставуваат повеќесмислени прашања за круцијални теми за кои ние како граѓани сме загрижени за иднината на оваа држава“, изјави тогаш Мицкоски.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој на лидерските го придружува Ахмети, вчера во интервју за грчкиот весник „Етнос“ изјави дека спротивставувањето на опозицијата на Договорот за името со Грција, кој, како што вели е договор за идните генерации, а не идните избори, ќе ја искомпликува политичката ситуација во земјата.

„Опозицијата се уште го држи овој процес во заложништво, а со тоа и иднината на државата. Би сакале оваа битка да ја водиме заедно со опозицијата, но, ако е потребно ќе го направиме тоа и без нив и ќе успееме. Верувам дека со големата поддршка на граѓаните ќе успееме да го направиме тоа во предвиденото време“, вели Османи во интервју за грчкиот весник „Етнос“,