Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Граѓаните добро ќе знаат дека од нив се бара да се откажат од идентитетот на својата земја, како дел на еден договор, кој де факто Македонија ќе ја стави во зависна (вазалска) положба кон Грција, вели за Нова Македонија, Џејмс Петифер, професор на Одделот за историја на универзитетот „Оксфорд“.
Зошто неодамна постигнатиот договор помеѓу владите на Македонија и на Грција не е основа за зрели меѓународни односи, како може да се манипулира со референдумот, ќе го издржи ли Владата во Грција притисокот на тамошната јавност, се некои од темите за кои разговаравме со Џејмс Петифер, професор на Одделот за историја на универзитетот „Оксфорд“ и автор на повеќе книги за Балканот.
Проф. Петифер, сигурни сме дека сте добро запознаен со содржината на Преспанскиот договор склучен меѓу Македонија и Грција. Би можеле ли да ги споделите вашите опсервации за таквиот начин на кој македонската влада сака да го реши спорот со Грција?
– Јас упатив критики уште во времето кога се водеа преговорите, кои на крајот резултираа со Преспанскиот договор, бидејќи тие беа со принудна природа, дизајнирани на таков начин за да продуцираат краткорочна можна придобивка за сметка на растечката регионална нестабилност на подолг рок. Политиката на САД и на НАТО беа за јакнење на албанското малцинство во насока на негово поставување како перманентен фактор во управувањето. Албанците имаа легитимни и оправдани барања во поглед на човековите права во Македонија, па така и јас бев поддржувач на нивната кауза уште од времето кога првпат го сретнав покојниот Арбен Џафери во 1992 година. Но Албанците треба да запомнат дека тие се само малцинство, иако значително по број, и дека заради регионалната стабилност, од витално значење е да се одбранат сегашното име и статусот на Република Македонија. Зборувајќи како историчар, анализата на деталите на Преспанскиот договор покажува дека тој содржи голем број огромни неразбирања на националната историја, па дури и претпоставува упад во образованието, како и срамни еврототалитарни обиди за промена на јавни објекти и споменици.
Според вас, кои би биле општествените, политичките и безбедносните импликации доколку дојде до стапување во сила на договорот?
– Многу е едноставно да се одговори на ова прашање. Преспанскиот договор е подарок за националистите и за екстремистите на сите страни, а особено во Грција, што е веќе видливо во вестите што стигнуваат преку телевизија или на Интернет секојдневно.
Какво е вашето мислење за референдумот што претстои? Дали станува збор за вообичаен демократски механизам, ако се знае дека граѓаните ќе треба да се изјаснат за промена на името претставена на текст од 20 страници? Македонскиот премиер веќе нагласи дека е можно референдумското прашање за промена на името да биде поставено на начин комбиниран со прашањето за желбата земјата да се придружи кон НАТО и кон ЕУ.
– Јас го поддржувам принципот на непосредна демократија и изјаснување на референдум. Тој му дава ефективен глас на секој граѓанин за она што се случува и она за што треба да се одлучува во заедницата. Не можам да знам како точно ќе гласи ова прашање, но сигурен сум дека тоа нема да има пресудно значење. Имено, граѓаните добро ќе знаат дека од нив се бара да се откажат од идентитетот на својата земја, како дел на еден договор, кој де факто Македонија ќе ја стави во зависна (вазалска) положба кон Грција. Имено, тука треба да се има предвид грчката контрола во поглед на голем број ЕУ-фондови, како и грчката внатрешна субверзија, неретко имплементирана преку „невладини организации“, кои се наводно независни, но се всушност контролирани од странци што не ѝ се пријатели на Македонија и кои сакаат да ја направат Македонија „сатрап“ под Грција. Начинот да се запре ова опасно сценарио е да се изгласа јасно НЕ на референдумот, а во меѓувреме да им се даде целосна поддршка на Уставот и на претседателот Ѓорге Иванов.
И Грција се соочува со владина криза, па и предвремени избори не се исклучени. Дали е можно Преспанскиот договор да пропадне токму во Грција, и тоа откако македонската страна веќе ги презела сите чекори што се бараат од неа (ратификација, референдум и промена на Уставот)?
– Да, се чини дека набргу ќе има избори во Грција, иако ова не е толку поврзано со Преспанскиот договор, колку со непопуларноста на СИРИЗА и на Алексис Ципрас. Сосема е можно една нова грчка влада да му го сврти договорот, што е всушност и сосема веројатно доколку дојде до големо отклонување кон десно на изборите. Но дури и да преживее за извесно време, СИРИЗА само ќе пропаѓа и нема да јакне, па, така, е речиси невозможно да се замисли како би се прифатил Преспанскиот договор кога сите испитувања на јавното мислење и експертите се согласуваат дека најмалку 75 проценти од популацијата е против него. Според мене, статускво-ситуацијата не беше лоша, бидејќи многу врски во трговијата и во туризмот се развиваа добро. Лично, мислам дека Преспанскиот договор веќе исчезнува во историјата и дека не е основа за зрели меѓународни односи за регионот во иднина.
Извор: Нова Македонија