Признание од директен учесник: Откриено кој го застрелал Тупак Шакур


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Приказната за Тупак Шакур и ден денес е речиси неодолива за еден куп теории на заговор со кои од 1996 година се преокупирани еден куп детективи аматери чии многубројни верзии на она „што навистина се случило“ ги полнат медиумите.

Тешко е да се избројат документарците, книгите, новинарските статии, форумите и интернет страниците и блоговите кои се посветени на оваа тематика со која истите се занимаваат години наназад, а чии тези, тврдења и „вистини“ повеќе придонесуваат да не се знае што точно се случило, отколку човек да се приближи до крајната вистина.

Она што се знае за убиството на Тупак Шакур е дека тој беше убиен на 7 септември, 1996 година, застрелан пред Club 662 во Лас Вегас. Во моментот на застрелувањето Тупак бил во автомобилот од челниот човек на музичката издавачка куќа Death Row Records, Шуг Најт. Итно бил пренесен во болница, а починал шест дена подоцна, на 25-годишна возраст.

Иако за убиството на Тупак имаше многу осомничени, официјалната верзија е дека убиец на славниот рапер е Орландо Андерсон, кој го застрелал после физичка пресметка во MGM Grand, каде Шакур и неговата екипа (вклучително и вечно проблематичниот Најт) се нафрлиле на Андерсон (инаку припадник на бандата Crips) поради грабеж во кој претходно таа година бил ограбен еден од членовите на екипата од Death Row. Целата случка беше снимена и од безбедносните камери.

Меѓутоа, новите информации кои излегоа во јавноста најпосле можат да го расветлат случајот кој веќе 22 години ги копка фановите.

Бившиот гангстер Киф Ди призна дека токму тој бил еден од помошниците во убиството на рап легендата, а ова признание се појави во рамки на новата серија на Нетфликс, Unsolved: The Tupac and Biggie Murders.

Вината за убиството паѓаше врз сите, од ривалите на Тупак, Ноториус B.I.G. и Паф Деди, преку полицијата, па сè до Најт. Но, општоприфатената теорија е дека пукањето било резултат на судирот меѓу двете банди од улиците на Лос Анџелес, Bloods и Crips.

Накратко, Киф Ди потврди дека неговиот внук Орландо „Бејби Лејн“ Андерсон бил тој кој го убил Тупак, што значи дека „шокантното откритие за убиството на Тупак“ всушност е она што се знаеше од самиот почеток. Но, во случајов, далеку поинтересни се деталите поврзани со пукањето.

Според приказната од Киф, ноќта на пукањето Тупак и Шуг Најт, кој никогаш не ја криел својата поврзаност со Bloods, го напуштиле MGM Grand, а Тупак пред да влезе во BMW-то од Најт, одлучил да ги поздрави насобраните обожаватели. Нешто подоцна, покрај нив застанал бел Cadillac и следела престрелка во која Тупак бил застрелан четири пати – два пати во градите, еднаш во раката и еднаш во бедрото.

Киф Ди го возел Cadillac-от во кој се наоѓале Андерсон и уште двајца помошници – Теренс „Ти-Боун“ Браун ДеАндре „Дре“ Смит. Признанието Киф Ди го дал во замена за имунитет, а во снимката која прв пат се појави во споменатата серија, тој признава дека пиштолот му го дал на Дре, кој одбил да пука. Од друга страна, Андерсон се согласил тој да пука бидејќи сакал да се одмазди.

„Му го дадов пиштолот на Дре и тој само рече ’не, не, не‘, но Лејн беше спремен. Го спушти прозорецот, се наведна и ги застрела“, се слуша на снимката.

Токму поради ова признание полицијата го смета Андерсон за главен осомничен за убиството на Тупак. Андерсон тоа го негираше, а загина во престрелка во Лос Анџелес две години подоцна, пред да му биде докажана вината за застрелувањето на Шакур.

Во документарецот кој се појави нешто пред новата серија на Нетфликс, Киф Ди ја спомна својата вмешаност, но одби да го именува Андерсон поради, како што рече, „уличниот кодекс“: „Бев главен во Комптон, дилер и единствен преживеан кој може да ви ја раскаже вистинската приказна за убиството на Тупак“.

Откако го прашаа кој ги испалил истрелите кои беа фатални за Тупак, Киф во таа прилика само изјави: „Знам само дека дојдоа од задното седиште“.

Кајл Лонг, извешен продуцент на серијата Unsolved, изјави дека од полицијата очекува да го истражи Киф Ди: „Се појави на телевизија и призна дека бил учесник во убиство, а полицијата од Лас Вегас, барем колку што знам јас, не презема ништо во врска со тоа. Мислам дека тоа е нечуено“.

Киф, пак, тврди дека на признание се одлучил бидејќи боледува од рак и дека веќе нема што да загуби. Треба да се спомене дека никој во овие 22 години не беше уапсен поради убиството на култниот рапер. BMW 750, автомобилот во кој беше застрелан, во февруари беше продаден за 1,5 милиони долари, а дупките од куршумите уште се видливи на моделот.

Дали ова ќе ги смири теоретичарите на заговори? Секако дека не. Тие и понатаму ќе бараат одговори во албумот од Тупак, The Don Killuminati: The 7 Day Theory, каде раперот наводно открива кој го убил и сугерира лажирање на сопствената смрт.

И понатаму ќе го обвинуваат Биги и ќе тврдат дека Тупак денес живее на Куба или во Сомалија. Како и да е, со последните признанија добиме потврда на она што веќе се знаеше, но како што тоа најчесто бидува, реалноста за некого пречесто е премногу обична.