Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Од Министерството за надворешни работи вчера објавија соопштение дека завчера и во понеделникот, во бугарската престолнина Софија, се одржала првата средба на заедничката мултидисциплинарна Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Формирањето на оваа комисија е дел од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји. Досега само член на комисијата и од бугарска страна отворено изјави дека „ако Македонија не ги смени учебниците по историја, нејзиниот европски пат станува неизвесен“.
Во соопштението на МНР се вели дека „на средбата беа разгледани и утврдени начелата и методологијата за работа на комисијата, согласно принципите за заемно разбирање и академска заснованост, како и досегашните позитивни европски искуства“.
Наредната средба е закажана за втората половина од годинава во Македонија.
Комисијата работи врз основа членот 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, кој беше потпишан на втори август 2017 година, а стапи во сила во февруари годинава. „Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете договорни страни ќе формираат заедничка мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно научно толкување на историските настани засновано на автентични и на докази засновани на историски извори. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни“.
Од македонска страна претседател на комисијата е академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.
Во комисијата членуваат и професорите од ИНИ – Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Заводот и музеј – Битола. Членови се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески, антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.
Од бугарска страна, членови на оваа комисија се Ангел Димитров, првиот бугарски амбасадор во Македонија (од 1994 до 2001 година), претседал на групата, а негов заменик е историчарот Наум Кајчев, професор по современа историја на Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ и поранешен генерален конзул во Битола и Торонто. Членови се и д-р Момчил Методиев, главен уредник на изданието „Вера и општество“, поранешен дипломатски службеник во Министерство за надворешни работи, доктор по историја, истражувач на историјата на Бугарската православна црква; професорот Иван Илчев, поранешен ректор на Софискиот универзитет (од 2007 до 2015 година) и професор по најновата историја на балканските народи; доцент Даниел Вачков, директор на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН); професор Филип Топалов, амбасадор во Ватикан и доцент Бони Петрунова, археолог и директор на Националниот историски музеј во Софија.
Амбасадорот Димитров уште многу пред да почне со работа комисијата, даде неколку изјави од кои може да се заклучи дека експертите од двете страни ќе имаат навистина тешка задача. Димитров во една од изјавите кажа дека Гоце Делчев е Бугарин по потекло, но нема никакви пречки да го слават како херој и во Македонија, а македонизмот веќе го претрпел својот крах. „Гоце Делчев е Бугарин, но се борел за слободата на народот што живеел на географската територија Македонија. По сè што се случуваше со децении, многу добро знаеме дека нашите разговори нема да бидат лесни. Не можеме да очекуваме брзи, молскавични и исклучително пријатни резултати за некои луѓе. Со колегите од Република Македонија ќе седнеме за да ги разгледаме сите спорни теми од гледна точка на интерпретацијата на нашето заедничко минато, за да откриеме дека тоа не може да биде негирано, и тоа сега кога Република Македонија се стреми кон Европска Унија и кон НАТО. Нештата не се сведуваат на признавање, туку на убедување во една научна дискусија, со професионални аргументи, што треба да биде променето во формирањето на општествената свест во Република Македонија, посебно на младите поколенија“, рече Димитров.
Првиот бугарски амбасадор во Македонија смета дека треба да се омекнат учебниците во Македонија, формулациите, да се направат вистинските промени во учебниците.
Извор: Мкд.мк