Стојанче му кажува збогум на МВР – се враќа во политичките води


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бившиот полициски генерал и претседател на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, преку Фејсбук статус најави повлекување од службата во Министерството за внатрешни работи и реактивирање на неговиот политички ангажман во иднина.

„Како претседател во оставка на политичката партија Достоинство, во овој исклучително значаен, чувствителен и пресвртен момент за нашата татковина, момент од кој зависи нејзината иднина како единствена држава на Македонците и на сите останати нејзини граѓани, држава за која се борев, држава за која крварев, држава за која се уште се борам, овојпат со политички средства и методи, чувствувам обврска за мое политичко реактивирање.

Бидејки Законот за полиција им забранува на полициските службници да раководат со политичка партија, во договор со раководството на Достоинство одлучив да излезам надвор од МВР и мојата професионална кариера да ја продолжам на друго работно место кое нема да биде во судир со мојот планиран политички ангажман. Му благодарам на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата една година“, пишува Ангелов.

Тој најавува дека на есен Достоинство ќе одржи конгрес за избор на претседател, потпретседатели и членови на раководните тела на партијата. Во следните неколку месеци партијата ќе изврши и ажурирање на своето членство. Сите издадени членски книшки престануваат да важат. Секој досегашен член кој е согласен со програмата и политиките на Достоинство може да го продолжи своето членство со пополнување на нова пристапница после што ќе добие нова членска книшка на политичката партија. Лица кои сакаат да се зачленат во Достоинство можат да стапат во контакт со раководствата на локалните ограноци на партијата.

„Една од основните заложби на Достоинство е грижата за македонските Бранители кои учествуваа во одбрана на државата во 2001 година како и грижата за членовите на нивните семејства. Како помал коалиционен партнер на сега владеачкиот СДСМ, благодарение на разбирањето на кое наидуваме кај повеќето претставници на централната и локалната власт, Достоинство досега успешно им помогна на повеќе македонски бранители. Затоа, во оваа прилика, ги повикувам сите македонски бранители од 2001-та кои имаат проблеми од која било област во надлежност на кој било државен орган, да остварат контакт со претставници на локалните или централното раководство на Достоинство. Ние од Достоинство ќе дадеме се од себе да им помогнеме на сите македонски бранители, без разлика на нивната верска, етничка или партиска припадност. Достоинство пред сè“, порача Ангелов.