Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Перо Ивановски – Тиквар (28 април 1920 – 28 јуни 2018), македонски комунист, беше учесник во НОВ и дел од Првото заседание на АСНОМ.
Уште како млад кожарски, па потоа и тутунарски работник ја почувствувал експлоатацијата и се вклучил во револуционерните раздвижувања на работништвото во кралска Југославија. Во 1936 година станал член на СКОЈ, а во 1938 година на КПЈ. По 1938 година станал секретар на Месниот комитет на КПЈ за Прилеп. Од септември 1940 до август 1941 година е организациски секретар на ПК КПЈ за Македонија. Во октомври 1940 година бил делегат на Петтата земска конференција на КПЈ. Во 1940 е сменет од ПК од страна на Методија Шаторов – Шарло, но кон крајот на истата година бил вклучен и во работата на МК КПЈ за Скопје, а набргу по расчистувањето со Шарло врши должности и во МК на ПШ на НОВ и ПОЈ за Македонија.
Во април 1942 Ивановски е уапсен од бугарската агентура кај селото Голозинци, Велешко. При апсењето се обидел да се самоубие, но не му успеало. Осуден е на 15 години робија. На 20 јуни 1944 година, заедно со Васил Ивановски, Димитрија Алексовски – Пекари Никола Димитровски – Грчето, успева да избега од затворот „Идризово“ и веднаш се приклучува во Третата македонска (кумановска) бригада. Потоа, до 25 септември 1944 година е политички комесар на 11 бригада, па на 42 бригада завршно со 48 дивизија на НОВ и ПОМ. Пишувал за органот на НОФ за Македонија, „Илинденски пат“.
По Ослободувањето работел во ОЗНА, а потоа раководел крупни стопански организации (директор на ФАС „11 Октомври“ и на Железарницата во Скопје). Од 1967 до 1973 година бил претседател на Извршниот одбор на Комерцијална банка.
На 10 окотомври 2014 година, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го одликува Перо Ивановски – Тиквар со „Орден за заслуги за Македонија“, а поради „неговиот исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена, самостојна, суверена и демократска држава.“. Претседателот Иванов истакна дека „учесниците на Првото заседание на АСНОМ се основоположниците на македонската државност. Пред 70 години беа шеесетмина, а денес остана само еден. Денес имаме чест да му се заблагодариме на последниот учесник на АСНОМ кој е меѓу нас и еден од основоположниците на Македонија, Петар Иваноски – Тиквар”.
Извор: Антропол