„Со денови бев силувана и тепана“ – потресно сведоштво за насилството врз муслиманските жени во Мјанмар


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Видео репортажата на ВВС посветена на насилството на мјанмарската војска врз муслиманското малцинство Рохинџа ја пренесува потресната приказна на една малолетна жртва на силување чие сведоштво предизвикува ужасување и морници.

Откако околу 700.000 Рохинџи избегаа од Мјанмар во Бангладеш минатата година, во јавноста излегуваат сѐ повеќе обвинувања против мјанмарската војска за брутално насилство и силување на жените и девојчињата.

Новинарите на Би-би-си разговарале и со една жртва на мјанмарската војска, која сега има 17 години, а по силувањето останала бремена и родила дете. „Војниците ме фатија, не успеав да избегам. Ме силуваа“, вели таа и раскажува дека со денови непрекинато ја тепале и силувале.

„Ноќта кога ме фатија ме силуваа двапати. Повторно го направија истото следното утро и попладнето“, вели девојчето. По неколку дена, војниците ја врзале за дрво и ја оставиле.

„Ме оставија врзана за дрвото. Кога ќе видев дека се приближуваат војници, се наведнував во обид да се скријам. Потоа седев и плачев, а ме спаси група Рохинџи. Ме однесоа преку границата во Бангладеш“, раскажува девојчето.

Во Бангладеш открила дека е бремена, а нејзината ќерка сега има само една недела и сѐ уште нема име. Девојчето вели дека не сакала да абортира бидејќи тоа би бил грев, како и откажувањето од своето дете.

„Тие направија грев, јас не направив ништо лошо. Го задржав своето дете“, раскажува.

Од семејството живи ѝ се само дедото и бабата. Родителите исчезнале во прогонот и претпоставува дека се мртви. Нејзиниот дедо ѝ кажал дека треба да го даде бебето на посвојување, но таа одбила и кажала дека детето ќе живее по волјата на Алах.

Илјадници припаднички на Рохинџите тврдат дека преживеале сексуални напади и силувања на мјанмарската војска, која ги негира сите обвинувања. Групите за човекови права предупредија дека поради масовните силувања би можеле да се родат голем број несакани деца.

„Како можеа ова да ми го направат? Да не се случеше ова ќе се венчав и ќе имав нормален живот. Жалам поради тоа, но кога ќе го погледнам своето бебе, кон неа чувствувам само љубов“, вели девојчето.