Не е од љубов, за пари е: Германија ќари 2,9 милијарди евра од должничката криза на Грција


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Ако мислевте дека Германија ја поддржува и одржува во економски и финансиски европски живот Грција од што ја сака и од што се грижи за грчките граѓани, размислете повторно. Истото важи и за нас.

Германија испадна најголемиот добитник од грчката должничка криза бидејќи меѓу 2010 и 2017 на тоа заработила 2,9 милијарди евра, се дознава од одговорот на германското министерство за финансии на Зелените во Бундестагот, пренесува Мкд.мк.

„Спротивно на десничарските митови, Германија имаше голема корист од кризата во Грција“, наведе денес во пишаното соопштение за бриселскиот портал Јуроактив Свен Кристијан Киндлер кој во партијата на Зелените е задолжен за буџетска политика.

Неговата парламентарна група побарала од владата да објави колкав е профитот остварен од Програмата за пазарни хартии од вредност (СМП) за грчкиот долг од 2010.

СМП им овозможува на централните банки од еврозоната да го купуваат јавниот долг на земјата на секундарниот пазар.

Во одговорот на германското министерство за финансии се наведува дека сумата од каматите меѓу 2010 и 2017 достигнала 2,9 милијарди евра, колку што ѝ биле префрлени на Бундесбанката па во сојузниот буџет.

СМП шемата всушност донела вкупно 3,4 милијарди евра, но во 2013 и 2014 Берлин префрлил 527 односно 387 милиони евра на Европскиот стабилизациски механизам, што значи дека на Германија ѝ останале 2,5 милијарди.

Меѓутоа, каматите од заемите на банката КфВ во сопственост на германската држава донеле уште 400 милиони евра, па вкупниот ќар од грчката должничка криза достигнал 2,9 милијарди.

Киндлер истакна дека на Грција ѝ е потребна „пауза“ и простор за инвестиции и намалување на сиромаштијата.

„Деструктивното штедење предолго трае и донесе преголема штета“, кажа Киндлер додавајќи дека германскиот министер за финансии, социјалдемократот Олаф Шолц, треба да го смени ставот и да го поддржи олеснувањето на грчкото должничко бреме.

Еврогрупата денес преговара за големиот грчки долг од 180 отсто од годишното економско производство на таа земја и евентуалното олеснување на долговите.

Во програмата ЕСМ ниедна земја не минала повеќе време од Грција – од 2010 беа спроведени три програми за помош од кои последниот истекува во август