На 77 години почина „Кралот на ноќните клубови“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Британскиот бизнисмен Питер Стрингфелоу почина на 77-годишна возраст, откако во тајност се борел со ракот и ја загубил битката со канцерогеното заболување.

Стрингфелоу во јавноста беше познат како „Кралот на ноќните клубови“, бидејќи ги поседуваше Stringfellow стриптиз клубовите ширум цел свет – од Париз до Мајами. Сите тие ноќни локали и понатаму продолжуваат со работа, под негово име, пренесуваат британските медиуми.

Тој беше првиот човек во Велика Британија кој доби дозвола за отворање стриптиз клуб со целосна голотија. Стрингфелоу често можеше да се види во друштво на најголемите светски шоубизнис ѕвезди. Се женеше три пати, а последна која му го украде срцето беше 41 година помладата сопруга Бела, бивша балерина, со која стапија во брак во 2009 година.

Во една прилика тој призна дека таа е единствената жена која никогаш не ја изневерил. Заедно имаат две деца на 3 и 5-годишна возраст. Од претходните бракови Питер ја има уште 55-годишната ќерка Карен и 52-годишниот син Скот.

Дека боледува од рак на белите дробови се дозна во 2015 година. Тогаш веќе седум години се борел со опасната болест иако, како што вели, „никогаш не пушел“. Лекарите морале да му го отстранат едното белодробно крило. Не е познато дали ракот се вратил или никогаш целосно не се повлекол, бидејќи Стрингфелоу никогаш јавно не сакаше да говори за тоа.

Роден е во Шефилд, а на 13-годишна возраст го напуштил школувањето. Едно време лежел во затвор поради кражба и прематарење, но светот го запозна како најпознатиот сопственик на ноќни клубови.