Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Претстојното Светско фудбалско првенство кое од 14 јуни до 15 јули ќе се одржи во Русија ќе биде промомиција и прослава на кремот од најдобриот светски репрезентативен фудбал.
Во таа чест, на ретроспективен начин се потсетуваме на некои од поважните случувања и натпревари кои ги одбележале минатите изданија од Мундијалот.
Последниот југословенски тим
Не се малку оние кои сметаат дека настапот на Југославија на Светското првенство во 1990 година можеше да влијае на судбината на земјата која исчезна, која беше разорена, земјата чиј крај произведе јад, чемер, пепел и многу жртви. Колективен пекол.
Тогашната југословенска репрезентација беше составена од играчи од Хрватска, Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија. Меѓу нив владееше духот на братството и единството. Беше тим кој се вбројува меѓу најдобрите во светот, но над сè, тим кој ја бранеше тробојката на државата која умира.
Триумфалната капија на патот кон Светското првенство во Италија во 1990 година беше отворена со победата над Франција со 3:2, во една тешка и влажна белградска вечер, на 19 ноември, 1988 година. Истата вечер кога во Белград беше одржан „Митинг на Ушќе“ во режија на Слободан Милошевиќ. Така, ноќта кога фудбалскиот тим ја славеше огромната победа, тргна нов бран кој имаше намера да ги руши соништата.
Антибирократската револуција е израз со кој се опишуваат низа масовни протести, како и со нив поврзаните политички случувања и процеси со кои во втората половина од 1988 и првата половина од 1989 година беа срушени партиските и државни раководства на Војводина, Црна Гора и Косово и заменети со приврзаниците на спрскиот комунистички водач Слободан Милошевиќ, со што СР Србија стекна 4 од 8 гласа во југословенската федерација и превласт во Сојузот на комунисти на Југославија. Антибирократската револуција претставуваше раскинување со комунистичкото сфаќање на политиката, пред сè со односот кон национализмот.
Милошевиќ социјалната терминологија ја замени со национална, а наместо работничка класа, на политичката сцена настапи нација. Истовремено, почнаа и подготовките за таканаречениот „Митинг на братството и единството“ кој беше одржан на 19 ноември. На тој собир, подоцна познат како „Митингот на Ушќе“, поддршка на Милошевиќ дојдоа да му изразат неколку стотици илјади луѓе, можеби милиоин, и тој се смета за еден од најголемите митинзи во историјата на бивша Југославија. Со него Милошевиќ настојуваше да ја покаже широката поддршка која ја ужива меѓу српскиот народ и со тоа да обесхрабри било какви замисли во сојузните органи да го сменат.
Истиот ден, во Белград, на стадионот „ЈНА“ беше одигран натпреварот од групата 5 помеѓу Југославија и Франција. Средбата ја следеа околу 7.500 луѓе. Избраниците на Ивица Осим славеа со 3:2. Меѓутоа, баш таа проклета сабота, на само неколку километри подалеку од стадионот, ѓаволот натера да се собере армија од некои луѓе кои од бината гласно убедуваа тивко да влезат во војна. „Народниот митинг на Ушќе“, на 19 ноември 1988 година, беше предигра на квалификацискиот натпревар помеѓу Југославија и Франција. Југословенскиот тим беше чекор напред кон Светското фудбалско првенство во Италија, но државата Југославија направи чекор наназад во многу нешта.
Пред репрезентацијата на Југославија која ја предводеше споменатиот Ивица Осим, со тоа, се испречи и суровата историска дилема: дали ќе трае подолго од земјата?
Националната репрезентација на Југославија настапуваше на 10 светски првенства. Два пати стигнаа до полуфинале. На завршниците од Европското првенство играа четири пати. Два пати освоија второ, а еднаш четврто место.
Сепак, не дека на фудбалските терени ситуацијата беше многу поразлична отколку на улиците. Не така долго пред Југославија да отпатува за Италија, во југословенското фудбалско првенство, на 13 мај, 1990 година, според многу параметри и според мислењето на армија луѓе, „умре југословенскиот фудбал“. Имено, тој ден играа Динамо Загреб и Црвена Ѕвезда. Меѓутоа, наместо да се одигра фудбалскиот натпревар, се случи нешто сосема неочекувано, но изгледа прилично добро испланирано. Натпреварот практично не беше ни почнат, а веќе започна тепачка. Навивачите влетаа на терен од трибините, носеа камења и дрвени палки. Малиот број на полицајци успеа да спречи големи последици, а главна цел беше да се заштитат гостинските навивачи – „Делиите“ од Црвена Ѕвезда. Тој натпревар ќе остане запаметен и по изненадувачкиот потег на Звонимир Бобан. Тој повреди еден од полицајците удирајќи го со нога во глава. Тој случај беше уште еден доказ дека се бараше било каква прилика за некаква провокација.
Дваесетина дена подоцна, на 3 јуни, 1990 година, Југославија го одигра подготвителниот натпревар против Холандија на Максимир. Југословените изгубија со 2:0, меѓутоа тој натпревар нема да остане толку запаметен по резултатот, колку по реакциите на публиката на интонирањето на југословенската химна. Имено, националната химна беше исврикана, додека холандската беше нормално пречекана. После тоа, капитенот на „Сините“, Фарук Хаџибегиќ им рече на своите соиграчи: „Ние 11-мина играме против 20.000“.
Крај против Марадона и Аргентина
На последното големо натпреварување пред граѓанската војна и распадот на државата, репрезентацијата на СФР Југославија во Италија го оствари најдобриот резултат уште од Светското првенство во Чиле во 1962 година. Пречката на Драган Стојковиќ и расеаноста на Драгољуб Брновиќ и Фарук Хаџибегиќ при изведување на пеналите против Аргентина беа пречка за „Сините“ на патото до полуфиналето.
Во тоа време, репрезентацијата на Југославија ја сочинуваше сјајната генерација на Црвена Ѕвезда. Партизан и Динамо, исто така, силни тимови, неколку проверени ветерани настапуваа во солидни европски клубови, а за позитивната клима секако многу придонесе титулата светски прваци во младинска конкуренција на југословенската младинска репрезентација, која во 1987 година, во Чиле, ја освоија Просинечки, Бобан, Шукер, Мијатовиќ, Јарни и други ѕвезди на југословенскиот фудбал. Некои од нив се најдоа и во крајниот избор за настап во југословенскиот дрес на Осим за Светското првенство во Италија.
На стартот од Мундијалот Југославија доживеа катастрофа. Идниот првак на светот, Германија, на миланскиот Сан Сиро ги декласираше „Сините“ со 4:1. И како што тоа отсекогаш бидува на нашите простори, медиумите се нафрлија на цела репрезентација, а особено на стручниот штаб. Во некои дневни весници се пишуваше дка Осим и неговите соработници, после поразот, испиле ни помалку, ни повеќе туку 11 шишиња виски.
За сета среќа, ни очајниот почеток, а ни обидите да се расипе и помати атмосферата, не го нарушија моралот во репрезентативниот тим и „Сините“ прво ја победија Колумбија со 1:0, со голот на Давор Јозиќ, а против дебитантот на Светското првенство, Обединетите Арапски Емирати, приредија мала егзибиција. Победија со 4:1, со два прецизни удари на Панчев, додека Просинечки и Сушиќ постигнаа по еден гол.
Во осминафиналето на ред дојде Шпанија, голем должник на Југославија уште од Мундијалот во 1982 година и срамниот пенал кој им го поклони на Шпанците данскиот судија Соренсен. Натпреварот полека се ближеше кон крајот, се играше 78-та минута, кога Златко Вујовиќ направи сјаен центаршут од левата страна, Катанец ја испрати топката до Стојковиќ, а Пикси на втората статива, со незаборавен дриблинг, го исфрли од игра голманот Зубизарета и уште еден шпански играч, затресувајќи ја мрежата на „Црвената фурија“. Меѓутоа, само пет минути подоцна, искусниот Салинас искористи момент на деконцентрација во последната, одбранбена линија на „Сините“ и им донесе изедначување на Шпанците.
На теренот во Верона температурата беше речиси 40 степени Целзиусови, но играчите од двата тима не водеа грижа за тоа. Се водеше голема борба, која во корист на Југославија ја реши Пикси, со својот втор гол на натпреварот. Слободниот удар од 18 метри го изведе во манир на светски мајстор, со таканаречениот удар „сув лист“, префрлајќи го живиот ѕид на Шпанија и оставајќи го Зубизарета немоќен на гол линијата.
Охрабрени од победата со 2:1, „Сините“ со голем оптимизам влегоа во четвртфиналниот дуел со тогашниот сè уште актуелен првак Аргентина, посебно бидејќи се чинеше дека „Гаучосите“ немаат тим, особено игра за големи достигнувања. Но, плановите на селекторот Осим беа пореметени уште во 30-та минута, кога Рефик Шабанаџовиќ, категоричниот чувар на Диего Марадона, мораше да замине во соблекувалната поради два жолти картони. И со играч помалку, Југославија одигра рамноправен натпревар, во кој немаше многу шанси за голови.
Двата часа фудбал на стадионот во Фиренца не донесоа победник, па се пристапи кон изведување на пенали. Пресметката почна со погодок на Серизуелa и пречката на Стојковиќ, но тоа негово промашување во третата серија беше компензирано со одбраната на голманот Томислав Ивковиќ, кој му го одбрани ударот на големиот Марадона. Бидејќи прецизни беа и Просинечки и Савичевиќ, резултатот беше 2:2. Кога во четвртата серија за Аргентина шутот од Трољо заврши во стативата, на „Сините“ им се укажа колосална шанса. Меѓутоа, аргентинскиот голман Гоикочеа ги одбрани ударите на Брновиќ и Хаџибегиќ, Деѕоти беше сигурен во изведувањето и „Гаучосите“ се пласираа меѓу четирите најдобри на светот со победа од 3:2.
Аргентина во полуфиналето ја совлада Италија после изведувањето пенали, а во полуфиналето беше совладана од Германија со 1:0.
Така, за Југославија остана само приказната, само хипотетичкото преиспитување за тоа „што би било, кога би било“. Останаа документарци, книги и текстови кои ги пишуваше цел свет, а кои секогаш беа интригантни. Сепак, во суштина, вистината беше само една – тоа беше последниот тим на земјата која трагично се распадна.
Еве ја комплетната листа на играчи од Југославија кои отпатуваа во Италија:
Ивковиќ (Спортинг), Омеровиќ (Партизан), Лековиќ (Будуќност), Станојковиќ (Партизан), Спасиќ (Партизан), Вулиќ (Мајорка), Хаџибегиќ (Сошо), Јозиќ (Чезена), Брновиќ (Мец), Пандиќ (Динамо), Катанец (Сампдорија), Баљиќ (Сион), Шабанаџовиќ (Црвена Ѕвезда), Јарни (Хајдук), Савичевиќ (Црвена Ѕвезда), Просинечки (Црвена Ѕвезда), Сушиќ (ПСЖ), Панчев (Црвена Ѕвезда), Стојковиќ (Црвена Ѕвезда), Вујовиќ (ПСЖ), Бокшиќ (Хајдук), Шукер (Динамо).
Селектор: Ивица Осим.