Пет најчести грешки кои се прават при реновирање на бањата


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На опремувањето на бањата многу луѓе посветуваат доста внимание, бидејќи просторот мора да биде практично и функционално уреден, но и убаво дизајнирано место за опуштање. Покрај квалитетот на работата на добрите мајстори, немојте да го изгубите од ум ниту доброто планирање и дизајнирање, кои подеднакво претставуваат важни сегменти од реновирањето.

Мебелните елементи во бањата се фиксни и евентуалните грешки во монтирањето на истите повлекуваат со себе години користење на неудобно уреден простор. Поради тоа, стручните совети за опремување и уредување на просторот во бањата никогаш не се на одмет, а триковите кои можат да ви ги откријат специјализираните дизајнери на ентериер и архитекти ќе ве спасат од грешки при реновирањето.

Еве ги петте најчести грешки кои луѓето ги прават при реновирање и преуредување на бањата.

1. Проектирање без проектант

За бањата еднако важна е консултацијата со архитект или дизајнер на ентериер, како и при уредувањето на било кој друг простор од домот. Најважно е соодветно да се осмисли распоредот, позицијата на санитаријата, уредите и дизајнот на додатоците. Прилагодете ги според вашите потреби и по свој вкус одберете стил во кој ќе биде уреден просторот.

2. Внимавајте на бојата во бањата

Изборот на керамика за тоалет или бања битно влијае врз доживувањето на просторот и неговата големина. Модерниот дизајн или популарните бордури треба внимателно да се одберат и применат, особено во мал простор. Самостојниот избор на керамички плочки во силни бои е најчеста и најзабележлива грешка која можете да ја направите.

Затоа, доколку не можете да се консултирате со експерт, секогаш најбезбедна опција е да одберете неутрални тонови или комбинација од сив тоналитет со една акцентирана боја. Ако, пак, сакате пожива атмосфера – препорачливо е бањата да ја освежите со разнобојни предмети.

Употребата на нијанси од кафеава боја упатува на бањи од минатиот век, па таа боја поретко се користи во модерните бањи.

3. Предимензионирана санитарија

Доста честа грешка при опремување на бањата е купување на санитарни елементи со несоодветна големина. Водени од дизајнот, бренодт или нестручни сугестии од продавачите, луѓето често се склони да купат предимензионирана санитарија или мебел за бањата.

Со ваква грешка дури и доволно голем простор за бања може да стане тесен и неудобен. Од таа причина, препорачливо е сите димензии да бидат проверени и функционалноста да биде на прво место, бидејќи во овој случај, токму тоа придонесува за естетиката.

4. Лош избор на додатоци

Додатоците и придружната опрема за бањата, исто така, е потребно да биде внимателно одбрана. Одберете стил и тон во кој ќе ја уредите бањата, па полиците и ормарите нека се вклопат во тој стил и тоналитет. Ако сакате акцентирани детали, внимателно вклопете ги во целината.

Честа грешка може да биде и лошиот избор на водоводна батерија за мијалникот која нема да биде соодветна ниту со големина, ниту со правилна позиционираност, па растојанието помеѓу неа и мијалникот да биде преголемо или премало. Во таков случај, при миење на рацете, или нема да има доволно простор за рацете или пак водата ќе прска надвор од мијалникот.

Полиците или ормарчето за прибор и ствари треба добро да бидат дизајнирани и позиционирани, исто како и функционалното огледало. Не го заборавајте и соодветното осветлување и другите поситни додатоци кои се составен дел од добро проектирана и дизајнирана бања.

5. Употреба на несоодветни материјали

Бањата е простор во кој за кратко време доаѓа до значителни промени во температурата и влажноста на воздухот.

Затоа е важно да се користат материјали кои се предвидени од производителите токму за такви услови: водоотпорни пресувани материјали, соодветно обработено дрво, водоотпорна маса за фугирање, стакло со соодветни карактеристики, подни плочки со нелизгава површина.

Често за база на надградбата на мијалникот се користи недоволно заштитено дрво, што резултира со дамки од вода и сапун, како и испукана и деформирана плоча. Ако сакате да ги заштитите дрвените површини во својот дом, дознајте и информирајте се како на најдобар начин да го заштитите дрвото од кое се изработени.