Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Телевизија Телма од дипломатски извори дознава дека „Република Северна Македонија“ е најверојатно договореното име од рамката која ја договориле Димитров и Коѕијас за промена на името на Македонија.
Рамката договорена меѓу двајцата министри предвидува и план за конечно затворање на спорот кој се состои од 11 чекори, а која се очекува да биде верификувана утре од премиерите Заев и Ципрас во телефонски разговор, што би било вовед за нивна средба во Преспа за официјализирање на постигнатиот договор.
Според неофицијални извори на Телма, Македонија во јуни ќе добие даум за старт на преговорите со Европската унија, со или без конечен договор за името со Грција. Без постигнат конечен договор до самитот на ЕУ во јуни, датумот за старт на преговорите Брисел би го условил со конечно постигнување на договор за името до декември. Референдумското изјаснување за новото име би се одржало во септември или октомври, а според информациите на Телма, 8 септември е датумот кој се разгледува како термин за референдумот.
Неофицијална потврда за планот и условениот датум стигна преку реакцијата на опозициската грчка партија Нова демократија која денеска ја повикаа владата на Ципрас да не се согласува на договор што би и дал на земјава однапред зелено светло за интеграција во НАТО и ЕУ, а усогласувањето на договорот во иднина да биде на рати.
„Незамисливо е Грција однапред да го предаде преговарачкото оружје што го поседува и да очекува во иднина усогласување на рати од страна на нашата соседна земја“, изјави портпаролот на Нова демократија Марија Спираки.
Планот за спроведување на конечното решение за името во 11 чекори го објавија и грчките медиуми, според кој откако и двете страни би го официјализирале договорот Заев треба документот да го достави до македонското Собрание на гласање, но не со двотретинско мнозинство. Откако договорот би добил зелено светло од во македонското Собрание, Грција со допис ќе го извести НАТО дека одобрува влез на Македонија во Алијансата, но под услов да има уставни промени.
Следниот чекор би бил на 28 и 29 јуни, на Самитот на ЕУ Македонија да добие датум за стар на преговори со Унијата, по што на 11 и 12 јули би добила официјална покана за влез во НАТО на Самитот на Алијансатаво Брисел.
Следниот чекор би бил Македонија во септември да одржи референдум за новото име, по што македонското Собрание би требало со двотретинско мнозинство да одобри промена на Уставот. По референдумот и ревизијата на македонскито Устав, според планот кој го објавија грчките медиуми, договорот треба да му биде доставен на грчкиот Парламент на ратификација.
Во меѓувреме двете страни официјално се воздржуваат од коментирање на чекорите и договорената рамка меѓу Коѕијас и Димитров. Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос во интервју за ЕРТ изјави дека во преговорите на шефовите на дипломатите многу работи се затворени.
„Би можеле да кажеме дека се наоѓаме во финална линија, но никој не може да го предвиди исходот во толку сложени преговори, и покрај тоа јас и понатаму сум голем оптимист и ги очекуваме следните потези и следната фаза од преговорите“, рече Ѕанакопулос. Според него не е важно да се има договор, туку е важно да се има добар договор.